Македонија беше единствена пријавена земја од регионот на отворената седница на Советот за безбедност на Обединетите нации и затоа јас ја искористив можноста да зборувам за сите предизвици со кои се соочува Балканот кој е изолиран од картата на ЕУ и членството во НАТО. Тоа беше единствената можност каде што можеше јасно и гласно да се каже дека Советот за безбедност мора да ја почитува пресудата на Меѓународниот суд на правдата која е во корист на Македонија за името, бидејќи Советот е основач на тој Суд, изјави Претседателот Ѓорге Иванов во вчерашното интервју за Дневникот на телевизија Сител.
Иванов рече дека главната тема од Генералното Собрание на ОН се наметнала и како тема на седницата на Советот за безбедност на Република Македонија, бидејќи целиот свет презема мерки за заштита од радикалниот ислам.
„Не треба да останеме слепи на случувањата во регионот и во Сирија. Мора да бидеме подготвени да се справивме со таа опасност, бидејќи гледате што им се случува на тие луѓе таму. Мора да имаме подготвени мерки за ресоцијализација на сите повратници од борбените зони, бидејќи тие се закана за мирот и безбедноста на било која држава во светот“, изјави Иванов.
Тој напомена дека ДУИ треба да даде одговор на јавноста зошто цели 5 месеци не пријавиле никаков интерес да делегираат свој човек во Советот за безбедност.
– Имаа доволно време да размислат и да решат, не сторија ништо, така што тие треба да дадат одговор на јавноста зошто немаат свој член, изјави Иванов, кој смета дека Флора Кадриу од ДПА ги исполнува сите неопходни услови, почнувајќи од безбедносни сертификати, образование, политичко искуство и етничка припадност.
Аргументите се на наша страна во спорот со Грција
Коментирајќи ги последните изјави од Грција, македонскиот претседател во вчерашното интервју за телевизијата Сител, рече дека Грците имаат чувство дека многумина веќе не им веруваат.
Грците реагираат нервозно. Изјавата на Венизелос укажува дека Грците веќе имаат некој страв, имаат некое чувство дека многумина веќе не им веруваат. Тие во 1993 година ја убедија меѓународната заедница дека користењето на името Македонија е безбедносна закана за регионот, без никакви аргументи. Сега другите членки видоа дека аргументите се на наша страна, дека Грција со тоа што не блокира е таа што создава безбедносен проблем во регионот, изјави претседателот Иванов во интервјуто за Телевизија Сител, коментирајќи ги грчките реакции по неговиот настап на 69. Генерално собрание на Обединетите нации и пред Советот за безбедност.
Во однос на престојниот извештај на ЕК за напредокот на Македонија, шефот на државата смета дека извештајот нема да биде негативен, но ќе има забелешки за политичкиот дијалог, институционалното функционирање и неколку други.
– После мојата посета на Брисел јас ги повикав на средба сите лидери на опозицијата, без присуство на медиуми за да лично да им ги пренесам пораките од Европа кои сега веројатно ќе бидат нотирани како негативни за Македонија. Тие од тогаш до денес немаат направено ништо по однос на мојата покана. Ниту некој од нив ме контактирал, нити побарал средба, нити пратил допис до Кабинетот, изјави Иванов за Сител.
– Европската Унија се соочува со сериозни тешкотии внатре, ако ја погледнете нивната економија ќе ви стане јасно се. За пет години од сега не знаеме во каква форма ќе биде ЕУ, но она што јас постојано им го повторувам на сите меѓународни фактори и дека со затворањето на проширувањето, не само што кај граѓаните се зголемува разочараноста, туку се намалува и мотивирачката моќ за реформите кои треба да се спроведуваат, изјави Претседателот.