Во натпреварот од осмото коло од квалификациите за Европското фудбалско првенство следната година, Португалија во Зеница ја декласираше Босна и Херцеговина со 5:0, забележувајќи ја осмата победа во групата со гол разлика 32:2.
Гостите ја завршија целата работа уште во првото полувреме постигнувајќи ги сите пет гола. Првите два гола ги постигна Кристијано Роналдо (5-11м, 21), а меѓу стрелците се запишаа Бруно Фернандеш (25), Жоао Кансело (32) и Жоао Феликс (43).
Покрај убедливата победа на Португалија, натпреварот го одбележа и инцидентот во 39. минута кога еден од домашните навивачи ја прескокна оградата и истрча кон Кристијано Роналдо, дури успеа да го фати за дрес, но обезбедувањето набрзо го презеде го оддалечи од теренот.
Во преостанатиот дел од мечот немаше многу возбудувања, Португалците го стивнаа темпото и немаше повеќе голови. Тоа беше шеста средба на овие две репрезентации и петта победа на Португалија со едно реми.
Во вториот натпревар од групата Словачка го победи Луксембург на гости со 1:0 во директна пресметка за второто место и сега има пет бода повеќе од Луксембург на две кола до крајот. Решавачкиот гол го постигна Давид Дуриш во 77. минута.
Исланд без поголеми проблеми го совлада Лихтенштајн со 4:0 со головите на Гилфи Сигурдсон (22-11м, 49), Алфред Финбогасон (44) и Хакон Харалдсон (63).
На табелата води Португалија со максималните 24 бодови, Словачка има 16, Луксембург 11, Исланд 10, Босна и Херцеговина девет, а Лихтенштајн е на дното без бодови.
Во натпреварот од групата Б, Холандија во Атина ја победи Грција со 1:0, остварувајќи важна победа во борбата за директен пласман на Европското првенство. Херој на гостите беше Вирџил ван Дијк, кој реализираше пенал во четвртата минута од судиското надополнување. Гостите имаа и пенал во 28. минута, но Одисеј Влаходимос го одбрани ударот на Ваут Вегхорст.
Во вториот меч од оваа група Ирска победи со 4:0 на гостувањето кај Гибралтар, а стрелци беа Еван Фергусон (8), Мајки Џонстон (29), Мет Доерти (60) и Калум Робинсон (80).
На врвот во групата е Франција со максимални 18 бодови, Холандија и Грција имаат по 12 бодови, но Холанѓаните имаат меч помалку. До крајот на квалификациите Грците ќе играат на домашен терен против Франција, додека Холанѓаните ги очекуваат натпреварите со Ирска и Гибралтар. Ирска е четврта со шест бода, а Гибралтар е на нула бодови.