Денот на Шопен одбележан во општина Кисела Вода

Градоначалникот на општина Кисела Вода, Орце Ѓорѓиевски и полскиот амбасадор, Н.Е. Кшиштоф Гжелчик денес, на денот на смртта на големиот музичар Фредерик Шопен, положија свежо цвеќе пред неговата биста поставен во истоимениот парк во Кисела Вода.

– Моментот на почит кон великанот Фредерик Шопен е исклучително важен, бидејќи на овој начин го негуваме неговото безвременско дело и го пренесуваме на следните генерации. Шопен не само што ја збогати светската музичка ризница, туку и ја обележа историјата на Полска, негувајќи ја својата култура и националност преку своите дела. Денес кога се одбележуваат 174 години од неговата смрт, горди сме што можеме заедно со амбасадорот на Република Полска, Н.Е. Кшиштоф Гжелчик, да се поклониме пред неговата биста, во паркот во Кисела Вода кој го носи неговото име. Неговото наследство е живо и секогаш е повод за обединување, за уште една средба, за уште една можност за и онака добрата соработка помеѓу Општина Кисела Вода и Република Полска-изјави градоначалникот Орце Ѓорѓиевски.