Фаџоли седум месеци вон терените поради обложување

Играчот од средниот ред на италијанскиот великан Јувентус, Николо Фаџоли, доби седумесечна забрана за играње во рамките на спогодбата со Италијанскиот фудбалски сојуз (FIGC) откако ги прекршил правилата за обложување на натпревари.

Дваесет идвегодишниот Фаџоли доби 12 месеци забрана, од кои пет месеци условно, и е казнет со 12.500 евра. Исто така, ќе мора да учествува во третман за надминување на проблемите со коцкањето.

Фудбалерот беше ставен под истрага на обвинителите во Торино поради наводно обложување на нелегалните веб-страници.

Според прописите на FIGC, играчот за кого ќе се утврди дека се обложувал на фудбалски натпревари може да добие забрана за играње на најмалку три години, но Фаџоли имал поблаг третман поради тоа што го признал прекршокот.

Како дел од казната ќе мора да зборува за своите искуства во најмалку десет средби со аматерски спортски организации и групи за помош на зависниците од коцкањето.

Фаџоли впиша еден настап за репрезентацијата на Италија. Сандро Тонали и Николо Заниоло минатата седмица го напуштија кампот на селекцијата, откако им беше соопштено дека, исто така, се вклучени во истрагата на обвинителството.