Врз синагога во Берлин фрлени молотови коктели

На зградата на еврејската заедница во Берлин, во која се наоѓаат и синагога и детска градинка, ноќта кон средата е извршен напад со молотови коктели, по што германскиот канцелар Олаф Шолц најави зајакнување на безбедносните мерки околу објектите на еврејската заедница во Германија.

„На сите им е јасно дека не прифаќаме и дека никогаш нема да прифатиме напади врз еврејските институции во Германија“, порача канцеларот Олаф Шолц коментирајќи го нападот во Берлин во текот на својата посета на Египет.

Шолц најави и консеквентен однос кон пропалестинските протести кои добиваат антисемитски карактер.

Како што објави берлинската полиција, двајца засега неидентификувани напаѓачи во средата во мугрите фрлиле врз зградата на еврејската заедница во централниот берлински регион Митте, два молотови коктела кои паднале на тротоарот пред зградата, а огнот кој избувнал го изгаснал полицаец кој бил задолжен за чување на објектот. Во зградата се наоѓаат неколку установи, меѓу другото училиште, детска градинка и синагога.

Во полициското соопштение се додава дека во текот на увидот на местото на настанот се случил уште еден инцидент, кога едно лице на скутер со голема брзина се упатило кон зградата на еврејската заедница извикувајќи антисемитски и антиизраелски пароли. Мажот потоа е приведен, а подоцна пуштен на слобода.

Централниот совет на Евреите во Германија го оцени инцидентот како терористички напад.

„Уништувачката идеологија на Хамас против сѐ што е еврејско дејствува и во Германија“, се наведува во соопштнието на еврејскиот совет. Истовремено се наведува и дека еврејските семејства во Берлин се „крајно вознемирени“ од најновите инциденти. „Од зборови се преминува на дела“, се предупредува во соопштението.

Од нападот на Хамас во јужен Израел, кој во квартовите со претежно арапско население отворено беше прослевен на улиците, во Берлин зачестија нападите врз еврејските објекти особено по одмазничките операции на израелската војска во палестинската енклава Појасот Газа, а на зградите во коишто живеат семејства од еврејско потекло почнале да се појавуваат и графити со Давидовата ѕвезда, што потсетува на нацистичкиот прогон на Евреите пред Втората светска војна.

Полицијата во Берлин ги забрани сите пропалестински манифестации поради стравувањата за можни масовни нарушувања на јавниот ред и мир.

Во северниот дел од берлинскиот квар Митте, кој своевремено се наоѓаше во рамките на Источен Берлин, последните години се формираше еврејска заедница. Овој дел од Митте граничи со квартот Веддинг, кој до обединувањето припаѓале на Западен Берлин и во кој претежно живеат припадници на турската и арапската зедница.

Сите поважни објекти на еврејската заедница во Германија веќе со години се наоѓаат под деноноќна заштита на полицијата, по серијата антисемитски инциденти изминатите години.