
По седми пат оваа година, в недела, на петти октомври, со почеток од 19:30 часот, сите фанови и љубители на музиката на Тоше Проески ќе можат да го направат ѕвезденото небо пред Музејот на холокаустот.
За да не се заборави последната средба и најубавата насмевка. За да не престане да живее во музиката, во песните и во очите кои едвај го чекаа. Уште еднаш да се потсетиме на најубавиот концерт, на најгласното пеење, на најсилниот аплауз и на најголемото ѕвездено небо кое тој посака никогаш да не се изгаси.
Илјадниците фанови кои беа присутни на Градскиот стадион во 2007 година нема никогаш да ја заборават најпозитивната енергија и моментите кои не ни помислуваа дека ќе бидат последни.
Но, овој ден никако не смее да биде тажен. За Тоше треба да се сеќаваме со љубов, со песна и аплауз. Така заслужува.
Главен организатор е Официјалниот фан клуб на Тоше Проески, но тие не сакаат да се делат од сите останати фанови и напоменуваат дека сите кои ќе дојдат и ќе бидат дел од ѕвезденото небо се и организатори на целиот настан.
Да не се заборави и да се почитува најсилната порака на Тоше: „За среќа, јас и моите обожаватели дишеме како едно“.
Да не заборавиме да му го покажеме тоа, да го зачуваме и секогаш да го славиме овој ден како најубава средба.