Јапонија за првпат ја покани Австралија да учествува на две заеднички воени вежби со САД

Јапонија објави дека ја поканила Австралија за првпат да се приклучи на две заеднички командно-штабни воени вежби со САД.

Јапонскиот министер за одбрана Минору Кихара рече дека разговарал за учеството на Австралија во маневрите за време на средбата во Токио со неговиот колега од Канбера, Ричард Марлс. Првата вежба „Јама Сакура“, планирана за следниот месец, ќе ги вклучи Јапонските одбранбени сили (ЈДФ) и американската армија. Вториот комплекс на маневри, под името „Острие“ е планиран за февруари следната година и ќе ги вклучи ЈСО и американската поморска флота.

„Со Австралија ја прошируваме нашата соработка во сите аспекти на одбраната. Целта е да можеме да работиме заедно во итни ситуации“, изјави Кихара по средбата.

Покрај тоа, двете земји се согласиле да соработуваат во заеднички развој на нивната воена опрема.

Марлс ги поздрави поблиските безбедносни врски на Австралија со Јапонија. „Нема земја во светот со која имаме поголем стратешки сојуз од Јапонија. И двајцата сме сојузници на САД, имаме сложени односи со нашиот најголем трговски партнер, Кина, и одржуваме длабоки врски меѓу себе“, рече Марлс во писмена изјава објавена од владата во Канбера.

Јапонија и Австралија имаат заедничка загриженост за зголеменото воено влијание на Кина во регионот и можниот напад на Пекинг врз Тајван во обид да го стави островот под своја контрола.

Во меѓувреме, денеска во севернокорејскиот главен град Пјонгјанг, рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров се сретна со севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун, а во Пекинг оваа недела се одржаа разговори меѓу рускиот претседател Владимир Путин и неговиот кинески колега Си Џинпинг.