Вашингтон, Лондон и Берлин ги повикаа своите граѓани да го напуштат Либан

 

Соединетите држави, Велика Британија и Германија ги повикаа во четвртокот своите државјани да го напуштат Либан поради тензиите со Израел на југот на земјата.

Од почетокот на војната меѓу Израел и радикалното сунитско исламистичко движење Хамас во палестинската енклава Појасот Газа, која избувна на 7-ми октомври по дрскиот без преседан и смртоносен напад врз јужните израелски населби, на либанско-израелската граница секојдневно се одвиваат дуели меѓу моќното шиитско либанско движење Хезболах и израелската војска.

Во соопштенето издадено во четвртокот американската амабсада во Бејрут ги „повикува американските државјани во Либан што поскоро да планираат заминување“, додека комерцијалните летови сѐ уште се на располагање. „Им препорачуваме на американските државјани коишто ќе решат да останат, да подготван план за кризна ситуација“, се додава без да се дадат други поединости.

„Доколку сте во Либан, ве повикуваме веднаш да заминете, додека комерцијалнтие летови се на располгање“, им порача и британската амбасада на своите државјани.

Во текот на вечерта се огласи и германското министерство за надворешни работи и ги повика своите државјани да го „напуштат Либан“ со сегашните комерцијални летови.

„Повторни воени судири се случија во пограничната зона“, појаснува германската дипломатија во соопштението додавајќи дека судирите „може да се заострат во секој момент“.

Во четвртокот Хазболах и палестинските фракции кои имаат бази во Либан повторно разменија оган со израелската армија, а военото крило на Хамас извести дека од југот на земјата истерлало салва од „30 ракети“ на северот на Израел.

Хезболах, пак, соопшти дека гаѓал повеќе израелски борбени позиции, па и со „наведувани проектили“. Израелската војска објави дека возвратила на нападите.

Претходно во средата Саудиска Арабија ги повика своите државјани „веднаш“ да го напуштат Либан, а кусо претходно тоа истото го стори и Кувајт.

И Франција и Австралија, како и други западни земји ги предупредија своите државјани да не патуваат во Либан, или доколи се веќе во земјата, што поскоро да ја напуштат.

Во размените на оган на израелско-либанската граница од 7-ми октомври загинале дваесетина луѓе на либанската страна, според податоците на AFP, меѓу кои 13 борци на Хезболах, но и новинар на Reuters и двајца цивили. На израелската страна загинале најмалку три лица.

Со цел да се спречи ризикот од напади на Хезболах на израелска територија, израелската армија ги пренесува резервите на либанската граница. Според командата, израелските војници ќе распоредат дополнителни контролни пунктови, ќе вршат патроли и ќе поставуваат заседи. Во војната од 2006 година со израелската сила, Хезболах се покажа како сериозен противник, а воените аналитичари предупредуваат дека неговите борци се зстекнале со големо борбено искуство со учеството во војната во соседна Сирија започната од 2011 година, и оти движењето е добро вооружено благодарејќи на целосната поддршка од Иран.

Нападот од Либан може да претставува сериозен проблем за Израел, бидејќи во овој случај тој би морал да се бори практично на два фронта – во Појасот Газа против Хамас и на либанската граница против движењето Хезболах. Раководството на второто, инаку, изјави дека ќе започнат со големи акции доколку израелската армија започне копнена инвазија на Појасот Газа.

Поради оваа причина, израелското раководство ја одложува наредбата за испраќање војници на територијата на палестинската енклава. Се претпоставува дека израелската армија ги проценува сите ризици поврзани со копнената операција во Појасот Газа, акумулирајќи сили и залихи оружје и муниција, по што сепак може да дојде до инвазија.