Американскотo вето ќе има „страшни последици“, предупреди Москва

Руското министерство за надворешни работи оцени дека одлуката на САД да стават вето на резолуцијата на ОН во која се повикуваше на „хуманитарен прекин на огнот“ меѓу Хамас и Израел ќе има „страшни последици“ кога станува збор за губењето човечки животи.

„Во ситуацијата на судирот кој се шири и се заканува дека ќе ги мине границите на Блискиот исток и ќе добие верска димензија, последиците од таквата одлука се страшни“, се истакнува во писмената изјава на руската дипломатија.

Изразувајќи „разочарување“ поради тоа што резолуцијата која ја поднесе Бразил а Русија поднесе два амандмани ден откако беше отфрлена нејзината, можеше да придонесе за „запирање на ескалацијата на тензиите и да го намали насилството над цивилите“ не е прифатена, Москва оцени дека ветото од САД „јасно ги покажува вистинските тежнеења на Вашингтон кон (блискоисточниот) регион“.

„Секој ден на одложување значи не само брз раст на бројката на мртвите и ранетите, туку и продолжување на патењето на цивилите кои станаа заточеници во енклавата (Газа) под блокада“, додава руската дипломатија.

Русија, исто така, ги обвинува САД дека „од почетокот се противат на секаква хуманитарна иницијатива“ и уште еднаш оценува дека судирот меѓу Израел и Хамас е последица на „неуспехот на американската политика“ на Блискиот исток, што „ја предизвика сегашната катастрофална ескалација“.

„Правото на самоодбрана не значи да се има дозвола за масовна и неселективна репресија“ истакнува руското министерство, што се сфаќа како индиректна критика на Израел.

Американската амбасадора во ОН, Линда Томас-Гринфилд изјави во средата дека Вашингтон е „разочаран бидејќи во резолуцијаа никаде не се споменува правото на самоодбрана“.

Соединетите држави во средата вложија вето на резолуцијата на Советот за безбедност при Обединетите нации со којашто се бараше прекин на судирите меѓу Израел и палестинското движење Хамас, за да се овозможи испораката на хуманитарна помош за населението во палестинската енклава Појасот Газа којашто повеќе од деценија е под израелска блокада, уште повеќе засилена со прекин на струја, вода и горива по исламистичкиот напад од 7-ми октомври во јужните израелски градови.

Дванаесет земји членки на Советот за безбедност при ОН гласаа за нацрт-резолуцијата поднесена од Бразил откако претходно седмицата ја отфрлија руската, а Русија чии амандмани на бразилскиот предлог беа отфрлени и Велика Британија овојпат беа воздржани. САД, традиционално, вложуваат вето на секој потег на Советот за безбедност при ОН, штитејќи го својот сојузник Израел.

Во бразилската нацрт-резолуција се повикуваше Израел, иако не беше изрично спомената еврејската држаа, да ги повлече повиците за цивилите и персоналот на ОН да се повлечат на југот од палестинската енклава и се осудуваа „тероризмот“ на Хамас.

Резолуцијата, покрај тоа, ги осудува секое насилство и непријателство кон цивилите, како и сите терористички злосторства и повика на моментално и безусловно ослободување на сите заложници.

Истовремено во средата во Советот за безбедност на ОН беа одбиени амандманите на бразилскиот нацрт-резолуција за ситуацијата во Израл и Појасот Газа, одбивајќи, меѓу другото, во текстот да биде вклучена и осуда за ракетниот напад врз болницата „Ал Ахли“ во вторникот вечерта во Газа при што загинаа неколку стотици цивили, според палестинските извори.

Со рускиот амандман, исто така, се бараше во името на Советот за безбедност при ОН да се осуди наметнувањето целосна блокада на палестинската енклава. Вториот руски амандман предлагаше да се додаде посебна клаузула во бразилскиот текс „Советот за безбедност повикува на итен, одржлив и целосно почитуван прекин на огнот“.