Амбасадорите на земјите од НАТО во Унгарија одржаа непланиран состанок поради загриженоста од неодамнешната средба меѓу рускиот претседател Владимир Путин и унгарскиот премиер Виктор Орбан во Пекинг, пренесува Раша тудеј.
Во четвртокот во Будимпешта се одржа состанок на амбасадорите на блокот и претставници на Шведска, чие членство во НАТО допрва треба да биде ратификувано од Турција и Унгарија. На состанокот, дипломатите разговарале за „безбедносните грижи“ поврзани со „продлабочувањето на односите“ меѓу Москва и членката на НАТО и ЕУ, изјави за весникот Дејвид Пресман, американскиот амбасадор во Унгарија.
Пресман, исто така, истакна дека Вашингтон очекува унгарската влада сериозно да ги сфати овие „легитимни безбедносни грижи“, нарекувајќи ја средбата меѓу Путин и Орбан „загрижувачка“.
Во вторникот, на денот на состанокот, Пресман објави слика на X (поранешен Твитер) од Орбан и Путин како се ракуваат, со натпис дека унгарскиот премиер избрал да застане на страната на Русија „сам меѓу нашите сојузници“.
Шефот на кабинетот на Орбан, Гергељ Гуљаш, во средата за каналот АТВ изјави дека „американскиот амбасадор не е надлежен да ја одредува надворешната политика на Унгарија бидејќи тоа е работа на унгарската влада“.
Путин и Орбан се сретнаа на 17 октомври во главниот град на Кина, каде што се одржа Меѓународниот форум „Појас и пат“. Тоа беше прва средба меѓу рускиот претседател и унгарскиот премиер од избувнувањето на конфликтот во Украина.
Во текот на изминатите децении, односите меѓу Москва и Будимпешта „се градеа исклучиво врз основа на земање предвид меѓусебните интереси“, рече Путин за време на средбата, истакнувајќи дека односите на Русија со многу европски земји „се одржуваат и развиваат“.
Минатиот септември Орбан ги критикуваше санкциите на ЕУ кон Москва, тврдејќи дека „европскиот народ стана посиромашeн, додека, Русија сепак не паднала на колена“. Тој повика на прекин на огнот за да се стави крај на конфликтот во Украина, истакнувајќи дека ограничувањата на Русија ѝ нанесуваат штета на европската економија.