Канцеларијата на Европската унија во Косово потврди дека визната либерализација за граѓаните на Косово ќе стапи на сила на 1 јануари 2024 година, јави МИА од Приштина.
Во одговорот до порталот Калѕо (kallxo.com), Канцеларијата на ЕУ укинувањето на Шенген-визите за косовските граѓани го нарече историски момент во односите ЕУ-Косово.
– Визната либерализација за имателите на косовски пасоши ќе стапи на сила од 1 јануари 2024 година. Ова ќе им овозможи на граѓаните на Косово да патуваат како туристи во ЕУ без визи 90 дена во период од 180 дена, се наведува во одговорот за приштинскиот медиум.
Од таму, исто така, најавија дека персоналот на ЕУ во Косово учествува во информативни активности како дел од кампањата за визна либерализација.
– Ова е важен историски момент во односите меѓу ЕУ и Косово и важен чекор на патот на Косово кон ЕУ. ЕУ во Косово ја започна кампањата „Истражи ја Европа“ за да ги објасни придобивките од визната либерализација, но и одговорностите и ограничувањата. Персоналот на ЕУ во Косово, исто така, учествува во информативни активности во неколку градови низ Косово, како дел од владината кампања за визна либерализација, изјави за Калѕо портпаролката на Канцеларијата на ЕУ во Косово, Јоана Лахана.
Прашањето за визите за Косово беше дел од дискусијата оваа недела поради изјавата на францускиот претседател Емануел Макрон во вторникот во Тирана.
Врз основа на преводот на изјавата на Макрон за време на неговата средба со албанскиот премиер Еди Рама во Тирана, медиумите во Косово објавија информација дека Франција ја суспендирала визната либерализација за косовските граѓани. Подоцна беше објавено дека преводот не бил соодветен и дека изјавата на Макрон била во смисла дека Приштина треба да ги одржи ветувањата во однос на договорите со Србија, како што Франција го одржала своето ветување за либерализацијата.