
Актуелниот светски шампион во Формула 1, Холанѓанецот Макс Верстапен во тимот на Ред Бул победи на трката за Големата награда на САД во Остин, остварувајќи ја 15-та победа сезонава, а јубилејната 50-та во кариерата.
Ова беше 18-та трка оваа сезона и дури 15-та прослава на 26-годишниот Холанѓанец, кој пред две седмици во Катар ја обезбеди третата светска титула. Остануваат уште четири трки до крајот на сезоната, во Мексико, Бразил, Лас Вегас и Абу Даби.
„Мислам дека цела трка се мачев со сопирачките, што дефинитивно ми ја отежна трката. Сепак, неверојатно е да се победи во моето 50. Гран при, навистина сум горд“, рече Верстапен, кој го заврши американскиот викенд на најдобар можен начин откако во саботата славеше и во спринтерската трка.
„Почетокот беше полош, но на патеката го имав истото чувство како вчера. Не сакав премногу да ги уништувам гумите, но на крајот успеав“, додаде Верстапен, кој со 15 победи го израмни сопствениот рекорд во бројот победи во една сезона, поставен минатата година.
Само четворица велемајстори во Формула 1 триумфираа повеќе патои од Холанѓанецот. На врвот е Хамилтон со 103 победи, втор е Германецот Михаел Шумахер со 91, трет Германецот Себастијан Фетел со 53, а четврти Ален Прост со 51 победа.
„Верувам дека нема да застанеме тука, ќе продолжиме да се трудиме да постигнеме уште повеќе“, рече тој.
Британецот Луис Хамилтон во Мерцедес беше втор со 2,25 секунди заостанување, а трет беше Британецот Ландо Норис во Мекларен со 10,7 секунди.
„Мојот тим направи фантастична работа за да ја донесе надградбата овде, се боревме и навистина сме среќни со овој резултат. Мислам дека мораме да му честитаме на Ред Бул, тие завршија неверојатна работа и беа беспрекорни цела година“, изјави Хамилтон.
Четвртото место го зазеде Шпанецот Карлос Саинц со Ферари, петти вториот возач на Ред Бул, Мексиканецот Серхио Перез, додека освојувачот на „пол позицијата“, Монежанецот Шарл Леклер во Ферари беше шести.
Во генералниот пласман Верстапен сега води со 466 бодови, на второто место е Перез со 238 бодови, додека трет е Хамилтон со 219 бодови.
Во пласманот за конструкторо води Ред Бул со недостижни 669 бодови, Мерцедес е втор со 334 бодови, а Ферари е на третата позиција со 307 бодови.
Следната трка е во Мексико за една седмица.