САД ќе дејствуваат „одлучно“ во случај на напад на Иран врз американски бази

Американскиот државен секретар Ентони Блинкен денеска упати предупредување до Иран, наведувајќи дека САД ќе дејствуваат „одлучно“ при секој напад, во време кога светот е загрижен поради ширењето на конфликтот на Блискиот Исток.

-САД не бараат конфликт со Иран. Ние не сакаме оваа војна да се прошири. Но, ако Иран или неговите посредници нападнат кого било од американски персонал, не залажувајте се, ние ќе го браниме нашиот народ, ќе ја браниме нашата безбедност, брзо и одлучно, потенцираше Блинкен во обраќањето пред Советот за безбедност на ОН.

САД го обвинија Иран, сојузник на Хамас и на либански Хезболах, за „активно олеснување“ на нападите врз базите каде што се стационирани американски војници на Блискиот исток, и го засилија своето воено присуство во регионот.

Блинкен, исто така, го повика Советот за безбедност да ја поддржи американската нацрт-резолуција, која го нагласува правото на сите држави на индивидуална или колективна самоодбрана.

Советот за безбедност на ОН, поделен во однос на израелско-палестинското прашање, минатата недела го отфрли рускиот предлог за резолуција со која се повикува на „хуманитарен прекин на огнот“.

Друга нацрт-резолуција подготвена од Бразил беше блокирана од американското вето. Вашингтон го осуди текстот, во кој не се споменува правото на Израел да се брани.

Блинкен праша каде е бесот, згрозеноста, отфрлањето и експлицитната осуда на ужасот, откако наброја некои од акциите на Хамас во нападот на Израел на 7 октомври.

– Ниту еден член на Советот, ниту една земја во овој круг, не би можела и не би сакала да толерира масакр на својот народ , рече Блинкен.