Лидерите на Србија и на Косово, Александар Вучиќ и Албин Курти се поканети во Брисел кон крајот седмицата, каде на маргините на самитот на ЕУ ќе разговараат за состојбата на дијалогот за нормализација на односите, изјави портпаролот на Европската комисија, Петер Стано.
„Челниците Србија и на Косово се повикани на состоаницоте за поддршка за Дијалогот на маргините на Европскиот совет подоцна оваа седмица“, рече Стано.
Самитот на ЕУ се одржува во четврток и петок, а според дипломатски извори Курти и Вучиќ треба да бидат во четврток во Брисел. Истите извори наведуваат дека не станува збор за средба меѓу двајцата политичари, туку дека ќе имаат одвоени средби.
Во текот на изминатиот викенд, специјалниот пратеник на ЕУ за дијалогот меѓу Србија и нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија која во 2008 година еднострано прогласи независна Република Косово, Мирослав Лајчак, специјалниот пратеник на САД за западен Балкан, Габриел Ескобар и претставници на Франција, Германија и Италија ги посетија Белград и Приштина.
„Разговорите на специјалниот пратеник Лајчак во Белград и Приштина беа фокусирани на тоа како да се поттикне спроведувањето на Охридскиот договор. Нема намера да се замени тој договор“, изјави Стано.
Откако на 27. февруари Вучиќ и Курти постигнаа договор за патоказот кон нормализација на односите, на 18. март во Охрид беше прифатен анексот на тој договор, што всушност е план за имплементација на договорот од февруари. Иако ЕУ тврди дека е постигнат договор за двата од овие документи, ниту еден не е потпишан.
Вучиќ во неколку наврати изјави дека нема намера да се придржува до некои обврски кои произлегуваат од тие договори, како што е одредбата дека нема да го блокира членството на Косово во меѓународните организации. Албанскиот премиер Албин Курти не сака да формира Заедницата на општини со српско мнозинство, договорена изминатите години под патронатот на САД и ЕУ, која според него би имала широки овластувања, нешто како Република Српска во Босна и Херцеговина.
Стано наведува дека на средбите во Белград и Приштина за време на викендот се разговарало за различни идеи, од кои некои биле и во писмена форма и оти дискусиите ќе продолжат.
„Ова го вклучува современиот европски предлог за статутот на заедницата на општини со српско мнозинство. Очекуваме двете страни да дејствуваат брзо и да покажат дека се посветени на процесот на нормализација со исполнување на обврските преземени во дијалогот од договорот за патот кон нормализацијата и сите досегашни договори без никакви услови и одложувања“, рече Стано.
Односите меѓу Србија и Косово се крајно затегнати, особено по 24. септември, кога според прцоените на Приштина околу 30 вооружени Срби во селото Бањска на косовскиот север со мнозинско српско население и по престрелка се забарикадираа во српски православен манастир. По пукањето, албанската косовска полиција го зазема манастирот. Во престрелката загинаа тројца Срби, а еден косовски полицаец загина при обид да отстрани експлозив од барикадата поставена на регионалниот пат.
Приштина го обвинува Белград дека стои зад инцидентот и дека неговата цел била да го окупира северниот дел каде Србите се мнозинство. Во ЕУ избегнуваат јавно да кажат кој стои зад нападот, тврдејќи дека чекаат да се утврдат сите факти. Србија негира поврзаност со тој напад и тврди дека бил организиран од локални Срби. Меѓутоа, во Србија е прогласен ден на жалост за загинатите лица кои учествувале во тој напад, вклучително и за косовскиот албански полицаец, бидејќи Белград инсистира дека станува збор за територија на српската држава.