Загубарот МЖ Транспорт им должи за струја на сите енергетски компании. Според информациите 4 милиони евра треба да врати во касата на ЕВН. Долг направен во претходните две до три години. Нешто над 2 милион евра милиони евра му должи на МЕПСО. А пари за електрична енергија треба да врати и на ЕСМ. За ова веќе владата на седница одлучи да го прифати барањето на МЖ Транспорт и со тоа државата со нови 15 милиони евра пари на граѓаните, ќе ги плати сметките, но и ќе ги врати позајмиците кои државните електрани константно ги даваат во Македонски железници за да поделат плати.
Македонските железнички претпријатија постојано се на листата на загубари и должници. Пругите и возовите се во лоша состојба, меѓународни возови нема, домашните линии се укинуваат, но вработувањата течат.
Минатата година МЖ Транспорт поради долгови за струја беше во мрак неколку часа, па државата одлучи да врати дел од долгот. Бизнисот пак бара либерализација на пазарот за да можат да работат. Од Министерството за транспорт велат дека процесот е започнат, но законите се заглавени во собранието и апелираа до пратениците да ги стават на дневен ред. Иако, се зборуваше дека железница е зрела за јавно -приватно партнерство или приватизација за сега нема план за спас и се продолжува да се прави дотур на пари од буџетот за македонската железница да преживее. Според, информациите годишно во МЖ Транспорт се префрлаат од 12 до 15 милиони евра, објави Телма.