Пари за пензии ќе има, само треба да се прекине со јавни набавки во четири очи и расипничкото трошењеењ на Владата

-ВМРО-ДПМНЕ е народна партија и има докажано дека најголемото усогласување на пензиите е во време на владеење на ВМРО-ДПМНЕ. Актуелната власт сака да покаже дека усогласувањето кое го направи е највисоко во историјата, но тоа не е точно. Најголемото усогласување е во 2008 година и потоа во 2013 година, рече Маја Кадиевска Војновиќ, член на Извршниот комитет на ВМРО-ДПМНЕ на вечерашната дебата во Свети Николе насловена „Време за промени во пензиската политика – Нови политика до подобра иднина“ која е во рамки на кампањата „Важно е! Од тебе зависат промените“.
Според неа формулата која беше во времето на ВМРО-ДПМНЕ ги земаше во предвид трошоците за живот и просечната плата.

„Истата формула ја укина оваа власт за да ја врати повторно пред една година и што се случи во меѓувреме, а инфлацијата галопираше. Колку и да сакаат претставниците на власта да се фалат дека стабилизираат нешто, ништо не е точно“, кажа Кадиевска Војновиќ.

Според неа, сега инфлацијата е околу 7 проценти што повторно е историски највисока инфлација.

„Повозрасните паметат дека до 1995 имавме многу високи стапки на инфлација и намалување на животен стандард повторно во време на СДСМ. Цените растат во континуитет и најголем проблем е што сегашната власт која беше креатор на инфлацијата, значи не е увезена инфлацијата, не се справија со енергетска криза, со стокови резерви. Неколку пати замрзнаа цени и немаше никаков резултат, само зборуваа дека ја решаваат кризата“, вели таа.

Укажа дека минималната пензија во 2016 година беше околу 8 илјади денари, а минимална плата околу 10.800 денари.

„Бројот на пензионери со минимална пензија на крај на 2016 година бил само 7,8 отсто од вкупниот број на пензионери. А сега знаете ли колку пензионери се со минимална пензија, 28 проценти од вкупниот број на пензионери и тука е проблемот. Најновите податоци ќе покажат дека веројатно неспособноста на Владата да ги зголеми сукцесивно пензиите согласно со раст на трошоци за живот ќе резултира во податоците за 2021 и за 2022 година со пораст на сиромаштија на пензионерите“, изјави Кадиевска Војновиќ.

Рече дека буџетот на државата е одговорност, а сега е гломазен во вредност од 4,5 милијарди евра, а само трансферите за пензии се 1,4 милијарди евра или 28 проценти од државниот буџет.

„Дали ќе има пари за пензии, ќе има, само треба да се прекинат сите јавни набавки во четири очи, договорни услуги во кои се крадат многу пари, да се намали расипничко трошење за се и сешто. Со рационално трошење ќе има пари за пензии“, заклучи Кадиевска Војновиќ.