Мицкоски: Владата им дава лажни информации на политичарите од надвор, свесни се дека со мене нема договор и трговија за политичка амнестија, затоа се очајни

„Ме прашавте дали има барање за состанок кај мене, секој добронамерник е добредојден. Секој кој сака да разговара, јас ќе разговарам. Имаме ние многу теми кои што за нас се многу поважни од темата уставни измени. Ние нашите аргументи сме ги кажале, многупати доаѓале во овие 16 месеци и многупати по телефон сме разговарале, стотици пати со големи светски дипломати. Не сме слушнале од другата страна аргумент кој нас може да ни даде една комотна ситуација и да речеме е да, сега не убедивте“, потенцира претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, запрашан дали ќе има состанок со Урсула Фон Дер Лајен.
Мицкоски додаде дека многупати соговорниците од странство добивале лажни информации од Владата, па и од Бујар Османи.

„Многупати на тие состаноци, во тие телефонски разговори ние со наши аргументи сме ги разубедувале соговорниците, бидејќи добивале претходно лажни информации од страна на луѓето во Владата, меѓу кои е и овој кој што го споменавте, Бујар Османи“, рече Мицкоски.

„Јас ги разбирам, под притисок се, очајни се, гледаат како доаѓа крајот на нивната политичка кариера, свесни се за тоа што го правеа овие шест години, свесни се дека со нас и со мене лично нема договор и трговија за политичка амнестија, свесни се дека ќе одговараат многу скоро“, појасни тој.