Ол-стар натпреварот повторно во форматот Исток-Запад

Ол-стар натпреварот во НБА лигата, кој ќе се одигра во Индијанаполис на 18. февруари 2024 година, ќе се одржи во стариот формат, во кој ќе се соочат екипите на Истокот и Западот, објави најдобрата кошаркарска лига во светот.

Во овој формат, последниот натпревар на најголемите НБА ѕвезди се одигра во 2017 година.

Во последниве години, тимовите што се сретнаа на Ол-стар натпреварот ги добија имињата на нивните капитени, кои ги комплетираа така што наизменично избираа соиграчи од списокот на кој гласаа навивачите, без оглед на конференцијата.

Се користеше формат во кој екипите играа три четвртини од по 12 минути, така што во четвртата четвртина беше одреден конечниот број на поени до кои победничката екипа мора да достигне, без временско ограничување од 12 минути.

Навивачите на НБА и натаму ќе имаат можност да гласаат за најдобрите играчи од Источната и Западната конференција, како и досега, а капитени ќе бидат играчите кои ќе добијат најмногу гласови. Екипите ќе бидат составени од 12 играчи.

Ова ќе биде 73. издание, а натпреварот ќе се игра во „Гејнбриџ Филдхаус“, арената во која домаќини се Индијана Пејсерс. Индијанаполис не бил домаќин на Ол-стар натпревар од 1985 година.