
Францускиот носач на хеликоптери „Tonnerre“ во четврток плови кон источниот Медитеран за да обезбеди поддршка за болниците во Газа, кои се соочуваат со големи жртви по израелските воздушни напади и недостигот од гориво за генераторите и медицински материјали, откако Израел наметна тотална блокада врз палестинската енклава поради нападите од радикалното движење Хамас од 7-ми октомври.
Претседателот Емануел Макрон рече дека го испраќа носачот за да им помогне на жителите на Газа да добијат лекови и медицинска нега.
Француското Министерство за одбрана објави дека улогата на 199 метри долгиот воен брод е да дава хуманитарна поддршка, но не е јасно дали тоа значи само испорака на медицински материјали за Појасот Газа или третман на Палестинците на бродот.
Носачот „Tonnerre“, кој може да превезува воени хеликоптери, тенкови и амфибиски возила, може да служи и како пловечка болница со десетици кревети, единица за радиологија и две хируршки сали, според веб-страницата на министерството.
Во текот на пандемијата на ковид-19, бродот беше испратен на Корзика за да ги евакуира болните цивили, а претходно беше на француските територии во Карипското Море погодени од урагани.