Католичка црква во Шпанија: 200.000 жртви на педокриминалот

Повеќе од 200.000 малолетници можеби биле жртви на сексуална злоупотреба од страна на свештеници во Шпанија, според проценката објавена во петокот од независната истражна комисија на Католичката црква за злосторства над деца.

Извештајот не ја наведува точната бројка, но вклучува анкета спроведена меѓу повеќе од 8.000 луѓе на барање на комисијата, која покажува дека 0,6 отсто од возрасните Шпанци (речиси 39 милиони луѓе) изјавиле дека биле сексуално злоставувани од свештеници кога биле малолетни.

Дополнително, нешто помал број Шпанци (0,53 отсто) изјавиле дека како деца биле сексуално злоставувани од лаици кои работеле во верски институции.

Во својата работа, истражната комисија се потпирала на правни и психолошки експерти и на сведочењата на самите жртви.

Овие оценки се содржани во извештајот што во петокот Народниот правобранител Анхел Габилондо го достави до шпанскиот Конгрес на пратениците по завршувањето на работата на независната комисија, прва од ваков вид формирана во земјата за утврдување на степенот на педофилски криминал во црквата.

Извештајот го критикува однесувањето на Католичката црква, чија реакција на случаите на педокриминал, како што се вели, била „несоодветна“.
Меѓу мерките понудени во извештајот е и формирањето на државен фонд за исплата на отштета на жртвите.

Габилондо на прес-конференцијата рече дека случаите на злоупотреба главно се однесуваат на периодот „од 1970 година до денес“.

Шпанија, земја со силна католичка традиција, досега нема спроведено независна истрага за ова зло, за разлика од Франција, Германија, Ирска и САД.