Ердоган ѝ вети на Турција „успех и победа“ на стогодишнината од Републиката

Турскиот претседател Реџеп Тајип Ердоган ѝ вети на Турција „успех и победа“ што „ниту една империјална сила“ нема да може да ги спречи, по повод стогодишнината од основањето на Република Турција одбележана во неделата.

„Ниту една империјална сила нема да може да ја спречи среќата, успехот и победата на Република Турција“, рече претседателот во говорот во Босфорската палата во Истанбул во точно 19,23 часот по локално време, што одговара на 1923 година, кога беше создадена Републиката.

Иако некои политички противници го критикуваат дека сака да го избрише наследството на Мустафа Кемал Ататурк, основачот на модерна Турција, претседателот Ердоган рече дека ја цени „секоја фаза од нашето славно минато“.

По говорот на турскиот претседател, Босфорот беше осветлен со огномет и светлосно шоу со помош на дронови. Во текот на претпладнето во Истанбул се одржа смотра на воздухопловните и поморските сили, што беше можност армијата, втора по големина во НАТО и осма во светот, да ги покаже своите мускули.

По повеќекратните прелети на американските „F-16“ кои го испишаа бројот 100 на небото, носачот на авиони „Anadolu“, специјално опремен за примање дронови, го отвори патот за „најголемата поморски воена смотра во историјата“, пловејќи низ теснецот кон Црното Море, додека зад него настапуваше флота со стотина бродови.

„Нашата Република е безбедна и е во добри раце, како никогаш досега. Нека живее во мир“, рече Ердоган во неделата претпладнето пред мавзолејот на Ататурк во Анкара.

Во говорот во неделата, Ердоган рече дека неговиот „цврст став“ за заштита на Палестинците е во согласност со желбите на Ататурк.

„Денес Република Турција е заштитник на оние кои немаат никој друг во светот, како што сакаше Ататурк (…) Ние се обидуваме да му помогнеме на народот во Газа со заземање цврст став кон Палестинците и кон Газа”, рече турскиот претседател.

„Израел, пред светот те прогласуваме за воен злосторник“, рече Ердоган во саботата, на 22-от ден од бомбардирањето на Појасот Газа, што е одговор на масакрот на 1.400 Израелци, главно цивили, од страна на Хамас на 7-ми октомври.