Ковачевски не очекува нова политичка криза, изборите ќе се организираат според изборен законик усогласен со сите партии

Претседателот на Владата Димитар Ковачевски не очекува нова политичка криза во државата иако, според него, изминатите четири години опозицијата ја блокира работата на Парламентот.
Одговарајќи на новинарски прашања по отворањето на Првата конференција за патна инфраструктура појасни дека претстојат избори, кои ќе се организираат врз основа на изборен законик којшто ќе биде усогласен со сите политички партии.

-Откако изборниот законик ќе биде изработен од Министерството за правда ќе биде доставен до Парламентот, каде сите политички партии и оние кои не учествуваат од опозицијата ќе можат да дадат свој придонес во неговата финална реализација преку парламентарната расправа, изјави Ковачевски.

Изборите, нагласи тој, ќе бидат договорени во рамки на нивните законски термини и претседателските и парламентарните избори, притоа почитувајќи го и правото на граѓаните на Северна Македонија. Без разлика на нивната вероисповед да биде испочитувана и можноста да ги прослават и рамазанските и велигденските празници со своите семејства и тој период да не биде оптоварен со избори.