Германија ги забранува активностите на Хамас

Германија денеска воведе забрана за активностите на Хамас, веќе означена терористичка организација во таа земја, како и на пропалестинската група Самидун.

„Денес целосно ги забранив активностите на терористичката организација Хамас, чија цел е да ја уништи државата Израел“, се вели во соопштението на германската министерка за внатрешни работи Ненси Фесер. Во соопштението се истакнува дека, како меѓународна мрежа, Самидун ширел антиизраелска и антиеврејска пропаганда под превезот на „солидарна организација“ за затвореници во различни земји.

„Одржувањето на спонтани „прослави“ овде во Германија, како реакција на страшните терористички напади на Хамас врз Израел, покажува дека Самидун има антисемитски и нехуман поглед на светот на особено одвратен начин“, рече германската министерка, пренесува Дојче веле.

Германскиот канцелар Олаф Шолц исто така беше шокиран од изразите на солидарност од поддржувачите на Хамас во Германија.

„Не прифаќаме дека на нашите улици се слават страшни напади врз Израел“, рече Шолц.

Во Берлин, пропалестинската мрежа Самидун го прослави нападот на Хамас врз Израел во кој загинаа стотици израелски цивили, делејќи слатки. Забраната ги опфаќа состаноците и активностите на таа организација. Исто така, постои можност за конфискација на имот. Фезер претходно изјави дека се испитуваат опциите за „протерување на криминалците од исламистичката сцена доколку немаат германски пасош“.

Според проценките на Канцеларијата за заштита на Уставот, зад Хамас во Германија стојат околу 450 луѓе, од кои голем дел се германски државјани. Во Германија нема официјален огранок на оваа група, но има поддржувачи и симпатизери. „Проценуваме дека бројот на поддржувачи е четирицифрен“, вели за ДВ експертот за Блискиот Исток Гидо Стајнберг од берлинската Фондација за наука и политика. Тој додаде дека групата на симпатизери е уште поширока и нивниот број е тешко да се процени. Стајнберг ги разликува двете групи по тоа што поддржувачите прават нешто конкретно за Хамас, го рекламираат на пример, додека симпатизерите честопати воопшто не се појавуваат отворено.

Како што потсетува Дојче веле, во 2020 година тогашниот министер за внатрешни работи Хорст Зехофер го забрани либанскиот Хезболах. Исламскиот центар Хамбург (ИЗХ) се смета за продолжена рака на иранскиот режим и со децении е под надзор на Канцеларијата за заштита на Уставот.