Во Германија пакт за намалување на бројот на бегалците, опозицијата незадоволна

Германскиот канцелар Олаф Шолц и претставниците на сојузните покраина се договорија во вторникот околу мерките коишто би требало да придонесат за намалување на бројот на бегалците во Германија, но опозицијата ги отфрли тие мерки како недоволни.

„Со ова посакуваниот натпартиски пакт за намалување на бројот на бегалците е уништен“. изјави шефот на демохристијанската опозиција во Бундестагот, Фидрих Мерц од Христијанско-демократската унија (CDU).

Пакетот мерки кои изминатата ноќ го договорија канцеларот Олаф Шолц од Социјалдемократската парија на Германија (SPD) и претставнците на сојузните покраини како недоволен го карактеризираше и премиер на најнаселената германска сојузна покраина Северна Рајна-Весфалија, Хендрик Вуест.

Шолц и претставниците на покраините донесоа план кој би требало трајно да го намали бројот на бегалците коишто доаѓаат во Германија и чијшто број годинава би можел да достигне вредноста од годината на бегалскиот бран во 2015 година.

Меѓу мерите коишто би требало да придонесат за оваа цел во прв ред спаѓа намалувањето на социјалните повластици за подносителите на барањата за азил и воведувањето ткн картички за храна, стоки и основни потреби. Социјалната помош во целосен износ би била исплатувана дури по 36 месеци, а не по 18 месеци претстој во Германија како досега. За оние беглаци кои се хранат во државните установи би се намалил исплатениот паричен износ.

 

Намалување на „социјалната држава“

Се планира и воведување картички за храна, стоки и потреби, што би ја намалило готовинската исплата. Со тоа би требало да се намали атрактивноста на Германија како најпривлечна земја за бегалците, бидејќи со тоа би се избегнала можноста за испраќање на парите во земјата на потеклото, што по правило досега е случај.

Подносителите на барањето за азил во иднина би можело да бидат полесно упатувани на работни места во рамките на нивните места на живеење, како на пример чистењето паркови.

„Со ова би била намалена привлечноста на Германија како социјална држава“, рече министерот за финанси Кристијан Линднер од Либерално-демократската партија (FDP), кој досега се залагаше за драстично укинување на социјалните бенефиции што се смета за главна причина зошто бегалците, и покрај фактот дека во Европската унија влегле во некоја друга земја, во големо мнозинство се инсистираат на поднесување барање за азил во Германија.

Понатаму, се предвидува забрзување на обработката на барањата за азил на најмногу три месеца кај оние подносители кои доаѓаат од земји со ниска стапка на признавање на барањата. Кај барањата на подносителите од дугите земји обработката би траела најдолго шест месеци.

Владата, исто така, се обврза дека ќе ја провери можноста за обработка на барањата за азил надвор од границите на Европската унија. Исто така, би требало да се тежнее на засилената соработка со земјите на потеклото кои одбиваат да ги примат своите државјани на коишто во Германија им е одбиено барањето за азил.

„Овие настојувања мора да бидат интензивирани на највисоко политичко ниво“, стои во заклучоците од состанокот на владата и сојузните покраини.

Германија, исто така, со цел да се намалат нерегуларните миграции, ќе ги продолжи пограничните контроли кон Полска, Чешка и Швајцарија, коиште од неодамна се воведени. Контролите на границите кон Австрија се спроведуваат уште од 2015 година.

 

Историски договор или недоволни мерки?

Владата и сојузните покраини договорија и нов модел за финансирање на бегалците, при што владата се согласила на сојузните покраини, кои се надлежни за згрижување на бегалците, да им исплаќа паушали од 7.500 евра годишно по бегалец, додека остатокот од трошоците од просечно 20.000 евра ќе го сносат самите сојузни покраини.

Германскиот канцелар Шолц по објавувањето на резултатите од состаникот рече дека станува збор за „историски договор“ кој ќе промени многу нешта.

Генералниот секретар на CDU, која убедливо води во анкетите, Карстен Линеман, меѓутоа, смета дека овој договор не е доволен за намалување на бројот на бегалците,

„Овој документ не содржи ниту јасно определување за подобра контрола на границите, ниту укинување на мерките како што е спојување на семејствата, што драстично придонесува за зголемување на доселувањата“, рече Линеман.

Во CDU сметаат дека овој договор нема да ги задоволи граѓаните, за коишто кризата со големиот број бегалци е најголемата политичка тема, како и дека тој нема да го намали бројот на оние кои се подготвени да гласаат за десната евроскептична и противдоселеничка партија Алтернатива за Германија (AfD) којашто се противи на секоја форма на доселување, а цела година добива на популарноста кај гласачите и веќе стана втората политичка сила во земјата.

Во AfD, која во меѓувреме ја поддржуваат речиси четвртина од гласачите, смета дека најновиот договор на владата и сојузните покраини претсатавува ново оптоварување на даночните обврзници за сметка на „азилскиот хаос“. „Тука не може да станува збор за серозна волја да се стави крај на нерегулираната миграција“, стои во писмената изјава на претседателите на AfD, Алис Вејдел и Тино Хрупала.