Турскиот парламент денеска ги исфрли производите на Кока-Кола и Нестле од своите ресторани поради наводна поддршка за Израел, се вели во официјалното соопштение и извор кој се повикува на двете компании.
„Производите на компаниите кои го поддржуваат Израел нема да се продаваат во ресторани, кафулиња и чајџилници во просторот на парламентот“, соопшти Големото турско национално собрание.
Одлуката ја донел претседателот на парламентот, Нуман Куртулмуш, со цел да ја „освести“ јавноста за бојкотот на производите на споменатите компании кои отворено ги поддржале, како што тврди, „израелските воени злосторства и убиствата на невини луѓе во Газа“. Во парламентарното соопштение не се наведува точно како Кока-Кола и Нестле ја поддржуваат воената кампања на Израел.
Минатиот месец, како одговор на воената состојба, Нестле соопшти дека привремено затвора еден од своите производствени капацитети како „мерка на претпазливост“.
Турскиот претседател Таип Ердоган и неговата влада остро го критикуваат нападот на Израел врз Газа и поддршката на Западот за Ерусалим.