Четворица мажи се обвинети во понделикот за кражбата на златната тоалетна шолја пред четири години, а станува збор за работа на италијански уметник која беше изложена во импозантниот дворец Бленхајм на југот на Англија кој се наоѓа на листа на светско наследство на УНЕСКО.
Наречен „America“ овој тоалет изработен од 18-каратно злато има функционални шолја, даска и казанче и е проценет на 4,8 милиони фунти, односно 5,5 милиони евра.
Тоалетната шолја беше најважниот експонат од изложбата во 2019 година посветена на италијанскиот уметник Маурицио Кателан приредена во барокниот дворец од XVIII век во Оксфордшир каде што е роден и легендарниот британски премиер Винстон Черчил.
Државното обвинителство го објави обвинението во понеделникот и наведе дека четворицата ќе бидат изведени пред судот на 28-ми ноември.
Ден по кражбата, британската полиција појасни дека крадците влегле во дворецот ноќта меѓу 13-ти и 14-ти септември 2019 година и ја напуштиле рано утрото однесувајќи го со себе скапоцениот тоалет, а при кражбата предизвикале големи штети и поплава.
Концептуалниот уметник Кателан, најпознат по златната тоалетна шолја која во рамките на својата желба „America“ ја постави во њујоршкиот музеј „Guggenheim“ во 2016 година, се прослави и откако во декември 2019-та перформер ја изеде неговата уметничка инсталација проценета на 120.000 американски долари, која се состоеше од банана залепена со леплива лента на ѕид на изложбата „Art Basel Miami“. Уметничката галерија „Porrotin“ објави ден претходно дека продала три верзии од инсталацијата со бананите за најмалку 120.000 долари со сертификати за автентичност, покренувајќи контроверзии во светот на уметноста.