Целосниот прекин на вториот по големина австралиски оператор за мобилни телефони „Optus“ ги парализираше телефонските и интернет конекции на повеќе од десет милиони луѓе во средата.
Од раните утрински часови корисниците ширум земјата не можат да телефонираат ниту да пристапат на интернет, јавуваат австралиските медиуми. Според извештајот на телевизијата 9News, ова е најголемиот прекин на телекомуникациите во историјата на земјата. Во соопштението објавено од компанијата напладне по локално време, се вели дека најверојатно ќе бидат потребни часови за да се врати мрежата.
„Ова е многу невообичаена појава и штом ќе разбереме што точно се случило, ќе ги споделиме деталите“, изјави извршната директорка на „Optus“, Кели Баер Розмарин за радио станицата 2GB во Сиднеј.
Не е јасно што го предизвикало падот на системот, но властите ја отфрлија можноста за сајбер напад. Интернетот, мобилните услуги и врските со некои владини оддели биле прекинати, вклучително и телефонските врски со болниците и службите за итни случаи.
На својата веб-страница, „Optus“ ги советуваше клиентите кои треба да се јават во службата за итни случаи да најдат член на семејството или сосед на друга мрежа што може да им помогне.
Прекинот на услугата предизвика хаос во мрежите на јавниот транспорт во некои градови и дефект на мобилните системи за плаќање. Од „Optus“ подоцна во средата соопштиле дека услугите се обновени, пренесува Reuters.
„Optus“ е вториот најголем телекомуникациски провајдер во Австралија по „Telstra“. Компанијата се најде на насловните страници минатата година кога хакери ги украдоа чувствителните податоци на милиони Австралијци во нападот на системот на „Optus“.