Координаторот на пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски на денешната прес-конференција истакна дека земјава годинава го добила историски најлошиот извештај од Европската комисија.
-На почетокот можам да констатирам дека Македонија го доби историски најлошиот извештај од Европската комисија. Извештајот од 2023 година констатира дека нема напредок во делот на прашањето по однос на активната блокада. Задоволен сум што тоа, е нотирано затоа што ние како пратеничка група со таканаречената активна блокада која ја спроведувавме во Собранието во ниту еден момент не ги спречивме битните процеси и закони кои беа во корист на граѓаните и тоа е нотирано во самиот извештај на ЕК. Активната блокада беше еден вид на реакција од страна на пратеничката група кон Владата и парламентарното мнозинство и имаше за цел да го спречи носењето на криминалните закони кои беа меѓукоалициски пазар на партиите од власта, потенцира Мицевски.
Целта на активната блокада, спроед Мицевски, била да се спречи носењето на закони во скратена постапка со коешто, како што рече, „власта сакаше да ја заобилколи демократската процедура за дебата за битни законски решенија“.
-Во овој извештај имаме зголемување на процентот на донесени закони по скратена постапка од 38 на 58 проценти. Од 165 закони од јануари 2022 до јануари 2023 година, 86 закони се по скратена постапка, само 51 во редовна постапка. Имаме 28 нотификации на меѓународни договори. Преку оваа активна блокада сметам дека успеавме, рече координаторот на пратеничкта група на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицевски нагласи дека како пратеничка група сакале да го насочат вниманието кон меѓународните институции за злоупотребата на европското знаменце на закони кои немаат никаква врска со европската регулатива.
-Сакавме да го насочиме вниманието посебно на меѓународните институции за злоупотребата на европското знаменце на закони кои немаат никаква врска со европската регулатива и читајќи го извештајот, забелешките на Европската унија на оваа тема можам да кажам дека сепак се нотирани и преку оваа блокада ваквите малверзации станаа повидливи за меѓународните преставници. Дополнително, сакаме да ја потсетиме власта дека ветуваше инклузија на опозицијата во сите процеси, но од тоа нема ништо. Факт е дека јас од 2022 година се уште не учествувам на редовните координации кои се одржуваат во Собрание. Ние како пратеничка група која што е нотирано во Извештајот учествуваме во работата на сите битни процеси кои беа во корист на граѓаните, а не на коруптивно-криминалната власт, рече Мицевски.