Пад на Волстрит по пораките на Пауел

На Волстрит повеќедневниот раст на берзанските индекси беше прекинат во четвртокот, откако претседателот на американската централна банка Џером Пауел изјави дека инфлацијата е сè уште висока и дека Федералните резерви (Federal Reserve – Fed) може дополнително да ја заострат монетарната политика.

Индексот Dow Jones загуби 0,65 отсто, на 33.891 поен, додека S&P 500 се лизна за 0,81 отсто, на 4.347 поени, а индексот Nasdaq загуби 0,94 отсто, на 13.521 поен.

По осумте дена раст, индексот S&P 500 вчера падна, бидејќи инвеститорите ги поколеба претседателот на Fed, Џером Пауел, кој рече дека е можно дополнително заострување на монетарната политика. На состанокот на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ – IMF), Пауел изјави дека е задоволен од слабеењето на инфлацијата, но дека не е сигурен дека Fed направил доволно.

„Банката е решена да постави доволно рестриктивна монетарна политика за да ја сведе инфлацијата на целното ниво. Сè уште не сум сигурен дека сме го постигнале тоа“, изјави Пауел.

До говорот на Пауел, индексите стагнираа, а потоа паднаа.

„Пауел зазеде цврст став. Тој му кажа на пазарот дека борбата против инфлацијата сè уште не е добиена и дека доколку тоа го бара економската ситуација нема да се двоуми дополнително да ги зголеми каматните стапки“, објаснува Питер Кардило, економист во „Spartan Capital Securities“.

На почетокот на ноември, Волстрит силно порасна, благодарение на верувањето на инвеститорите дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки. Сепак, тргувањето беше претпазливо последните денови бидејќи, покрај Пауел, и многу други функционери на Fed сигнализираа дека е можно уште едно зголемување на каматните стапки, имајќи предвид дека инфлацијата сѐ уште е значително повисока од целното ниво на банката од 2 отсто.

И покрај овие пораки, повеќето аналитичари сметаат дека тоа нема да се случи. Сепак, тие проценуваат дека Fed би можел да ги задржи каматните стапки на покачените нивоа подолго од претходно очекуваното.

А на европските берзи цените на акциите вчера пораснаа. Лондонски FTSE индекс зајакна 0,73 отсто, на 7.455 поени, додека франкфуртски DAX зајакна 0,81 отсто, на 15.352 поени, а париски CAC за 1,13 отсто, на 7.113 поени.