Лажна е веста дека Арбен Таравари ќе биде првиот премиер Албанец, тврдат од неговата партија по информациите дека на лидерот на Алијанса и градоначалник на Гостивар му било понудено да биде технички премиер 100 дена пред наредните избори.
„Политичките гласини немаат никаква важност како и сите други шпекулации, но некои од нив се повеќе чувствителни, како што е примерот дека ми било понудено да бидам премиер. Оваа вест не е точна“, рече Таравари во изјава за ТВ21
Информацијата ја објавија повеќе медиуми на албански јазик не наведувајќи кој е изворот на веста. Во информацијата се вели дека ДУИ ѝ предложила на Алијанса да ја преземе функцијата премиер, во замена пак, Алијанса на изборите да биде дел од т.н. заедничка листа. Неодамна Таравари и поранешниот прв човек на партијата, Зијадин Села истакнаа дека Алијанса ќе оди самостојно на изборите.
Во партијата не го кријат незадоволството од постапката на СДСМ која гласаше против Законот за амнестија кој го предложи нивниот министер Лога, но и натаму остануваат дел од парламентарното мнозинство.