Хезболах повика на деблокирање на Газа, порача дека ќе го држи активен фронтот со Израел

Лидерот на либанското шиитско движење Хезболах ги повика во саботата челниците на арапско-исламскиот самит да ја укинат израелската блокада и опсада на палестинската енклава Појасот Газа и откри дека движењето користело нови видови оружја и погодил нови цели во Израел, а вети и дека јужниот фронт против заколнатиот непријател ќе остане активен.

Ова е второто обраќање на Саџид Хасан Насралах од 7-ми октомври кога по ненадејниот брутален напад на палестинското сунитско движење Хамас во јужен Израел, израелската војска тргна во Појасот Газа во домазничка операција, како што тврди, за уништување на исламистичкото движење. Во првото обраќање претходно во ноември шефот на Хезболах предупреди дека постои можност повремените престрелки и борби на либанско-израелската граница да прераснат во вистинска војна.

Насралах ги повика нациите коишто во саботата се собраа на вонредниот арапско-исламски самит во саудиската престолнина Ријад, да ја симнат блокадата на Појасот Газа.

„Палестинците го кажаа своето и тие не повикуваат арапско-исламскиот самит да им испраќа оружје. Тие само сакаат арапскиот и исламскиот свет да застане зад нив обединет, наспроти Американците и да побара ставање крај на оваа агресија. Зарем 57-те арапски и муслимански земји не можат да го отворат граничниот премин Рафах (на границата меѓу Појасот Газа и Египет)“, рече челникот на Хезболах.

Насралах алудираше на заедничкиот самит на Арапската лига и Организацијата на исламската конференција во Ријад каде што се разговара за начините како да се запре војната во Појасот Газа.

Хезболах разменува оган со израелската војска на либанско-израелската граница од 8-ми октомври, и оттогаш загинале 70 негови борци, а неколку либински цивили се убиени, пресметала агенцијата Reuters. Се додава дека и на израелската страна има жртви, но нивниот број не се наведува.

Насралах во телевизиското обраќање во саботата рече и дека има „квантитативно подобрување на бројот операции (на Хезболах), нивните размери и бројот на целите, како и зголемување во видот на оружјата“.

Хезболах користел ракети познати како „Буркан“, рече Насралах и додаде дека тие се полнат со експлозив од 300 до 500 килограми, и потврди дека военото крило на движењето првпат користел дронови.

Насралах рече и дека движењето го погодило северниот израелски град Кирјат Шмона првпат во знак на одмазда за убиството на три девојченца и нивната баба претходно во ноември.

„Тој фронт ќе остане активен“, ја издвојува Reuters пораката на лидерот на Хезболах.

Меѓутоа, престрелките се главно ограничени на граничната област и Хезболах ги гаѓа позициите на изралеската војска од другата страна на границата.

Движењето на шиитската заедница во Либан со неговото воено крило е формирано во заднината на долгата граѓанска војна со вмешаност на САД и Израел во 1982 година со поддршка на Иранската револуционерна гарда. Се смета дека е најдобро вооружена групација во регионот на Блискиот исток, а се здоби со големо борбено искуство учествувајќи во регионалните војни главно во Сирија на стрнаа на владата на претседателот Башар ал-Асад.

Шиитски Хезболах и сунитски Хамас во блискоисточните војни многу често беа на различните страни, па дури имаше и меѓусебни судири. Меѓутоа, заедничко им е крајната нетрпеливост и непријателство кон Израел.