Израелската војска ќе помогне во недела да се евакуираат новороденчињата од опколената болница „Ал Шифа“ во Газа, изјави во саботата вечерта портпаролот на израелската војска, Дамниел Хагари.
„Персоналот на болницата Ал Шифа побара утре да им помогнеме на бебињата од одделот за педијатрија да бидат преместени во побезбедна болница. Ќе ја овозможиме потребната помош“, изјави контраадмиралот Хагари за брифингот за медиумите.
Претходно во саботата вечерта израелската невладина организација Лекари за човекови права – Израел извести дека „две прерано родени бебиња починале“ бидејќи поради недостигот од гориво било оневозможено продолжување на неонаталната нега во „Ал Шифа“, најголемата болница во опколената и целосно блокирана палестинска енклава Појасот Газа, а израелската војска тврди дека таа не ја гаѓала болницата и оти таа не е опколена.
„Голема опасност сега им се заканува на животот на 37 недонесени новороденчиња“, предупреди споменатата израелска ноевладина организација додека се заоструваат борбите меѓу израелската војска и припадниците на палестинското движење Хамас во близна на споменатата болница во градот Газа.
Претходно во саботата портпаролот на министерството за здравство во Појасот Газа изјави дека се откажани оперативните зафати во болничкиот комплекс „Ал Шифа“ и дека како последица на тоа починало едно предвремено родено бебе.
Меѓународната невладина организација Лекари без граници (Médecins Sans Frontières – MSF), чиишто членови оперираат во болницата во Газа, наведува дека „во изминатите 24 часа болнцата Ал Шифа беше неколкупати нападната, па така и одделот за раѓање“.
Доктор Марва Абу Саад, началникот на одделот за хирургија во „Ал Шифа“ изјави за невладиното здружение Медицинска помош за Палестинците (MAP) дека „никој не смее да излезе од болницата Ал Шифа“. „Луѓето кои се обидоа да излезат беа граѓани. Некои се убиени, некои ранети“, додаде.
Израелската војска тврди дека „немаше ниеден напад на болницата и таа не е опколена“.
„Се одвиваат борби меѓу израелската восја и Хамас околу болницата. Дури и сега, доколку некој сака да излезе, може…. војската може да осигури координација за секој кој сака безбедно да ја напушти болницата“, изјави за Reuters израелскиот офицер Моше Тетро.
Од Лекари без граници објавија дека „силно ја осудуваме смртната пресуда којашто израелската војска им ја одреди на цивилите блокирани во болнцата Ал Шифа“ и бараат „безусловен прекин на огнот“.
Норвешкиот совет за бегалци (NRC), уште една невладина организација, објави дек е „ужасната од информациите за постојаните напади на болниците во Газа“. „Пациентите, меѓу нив и бебиња, како и цивилите коишто таму се засолнитле се фатени во стапица“, предупредуваат од NRC.
Израелската војска тврди дека борците на Хамас, кои минатиот месец изведоа координиран масовен и брутален напад без преседан врз јужен Израел, ги сместиле своите командни центри под болницата Ал Шифа и другите болници во Газа со што ги направиле воени цели.
Хамас, пак, негира дека ги користи цивилите како жив штит, а здравствените работници предупредуваат дека сѐ поголемиот број израелски напади врз болниците или во нивна близина ги доведува во опасност животите на пациентите, на медицинскиот персонал и илјадниците евакуирани луѓе кои поради уништувањето на нивните домови се засолниле во и околу болничкиот комплекс.