
Фудбалската федерација на Македонија ќе овозможи бесплатен влез за ученици од прво до осмо одделение, за деца без родители, и од социјално ранливи категории за натпреварот Македонија-Луксембург кој ќе се одигра на 9 октомври, со почеток во 20:45 часот. Децата можат да дојдат на натпревар заедно со родител, а потребно е само истиот ден, по можност порано во текот на денот, да покажат ученичка книшка на билетарата на арената Филип Втори и да го подигнат бесплатно својот билет.
Целта на оваа активност е создавање навика кај најмладите за одење на спортски натпревари од рани години. Со цел уште повеќе да го засакаат фудбалот, и да можат своите идоли од поблиску да ги гледаат. Спортот е од исклучително значење за правилниот раст и развој на едно дете, за негово насочување кон вистинските вредности. Преку спортот децата на еден здрав начин се дружат, создаваат здрави навики, се натпреваруваат меѓу себе и се подготвуваат за светот на возрасните. А секој спортист и тим кој ги брани боите на својата држава, кој придонесува за афирмација на својата татковина, кој го обединува народот и наметнува победнички менталитет заслужува подршка, изјави Илчо Ѓоргиоски Председател на ФФМ.
Да им дадеме подршка на нашите фудбалери во новиот квалификациски циклус Еуро 2016, и заедно да го подигнеме чувството за припадност кон нашата татковина, навивајќи за Македонија. Репрезентацијата отсекогаш била сцената на која македонците го потврдувале талентот и квалитетот, но без помош од нацијата, без поддршка од народот, нема да успееме. Полните трибини и еуфоријата пред и за време на натпреварите се наша голема победа.