Полската влада поднесе оставка на првата седница на новиот парламент

Полската конзервативна десна влада предводена од премиерот Матеуш Моравјецки поднесе оставка во понеделникот, четири седмици по претрпениот пораз на парламентарните избори, на првата седница на новиот парламент.

Одлуката го претставува првиот чекор кон промена на власта по осум години владеење на партијата Право и правда (PiS). Сојузот на три опозициски партии предводени од поранешниот пполски премиер и претседател на Европскиот совет, Доналд Туск, освои мнозинство во Сејм, долниот дом на полскиот парламент, на изборите на 15-ти октомври.

Иако PiS сѐ уште е најголемата партија во парламентот со освоени 194 мандати, таа нема коалициски партнер или апсолутно мнозинство. Граѓанската коалиција (КО) на Туск, заедно со конзервативната партија Трет пат и Левица, има 248 од вкупно 460 пратенички места. Трите партии, кои се залагаат за проевропска политика, веќе потпишаа коалициски договор.

Промената на власта во Варшава ќе значи и промена на полската надворешна политика. PiS се судри со Брисел околу судските реформи, а односите со соседна Германија се влошија откако партијата побара 1,3 милијарди евра репарации од Втората светска војна за време на изборната кампања. Трите опозициски партии, пак, се залагаат за помирувачка политика кон Германија.

Шеесет ишестгодишниот Туск беше премиер на Полска од 2007 до 2014 година. Шимон Холовнија, 47-годишен новинар и еден од двајцата лидери на Третиот пат, во понеделникот беше избран за нов претседател на парламентот. Холовнија рече дека парламентот веќе нема едноставно да ѝ служи на владата или како „гласачка машина“, обвинувајќи ја за тоа досега владејачката PiS.

Но, полскиот претседател Анджеј Дуда објави дека има намера да им даде на Моравјецки и на PiS, како засебно најголема парламентарна партија, а не на Туск или на друг опозициски политичар, првата шанса да формираат коалициска влада во понеделник навечер. Дуда, кој беше избран на должноста како предлог на PiS, одлуката ја оправда со посочувањето дека PiS е најголемата партија во парламентот. Сепак, критичарите го обвинуваат дека се обидува да му даде на PiS неколку дополнителни седмици на власт.

Моравјецки сега има 14 дена да предложи влада за која ќе се гласа во парламентот, каде речиси сигурно е дека ќе се соочи со пораз. Имено, досега освен PiS, ниту една друга партија не najavi дека има намера да го поддржи.

Но, гласањето ќе мора да се одржи пред опозицискиот блок на Туск официјално да формира влада. Новата влада, сепак, ќе мора да се справи со Дуда, чиј мандат трае уште една ипол година и кој во понеделникот вети дека ќе го искористи правото на вето доколку почувствува дека интересите на земјата се загрозени.