Санчез го претстави законот за амнестија за организаторите на референдумот за независност на Каталонија

Шпанските социјалисти на премиерот Педро Санчез, кој се надева оваа седмица да го добие новиот четиригодишен мандат, го претставија во понеделникот Законот за амнестија со кој се укинува „казнената, административната и сметководствената (финансиска)“ одговорност за лицата кои од јануари 2012 до ноември 2023 година учествувале во организирањето и спроведувањето на забранетиот референдум за независност на Каталонија.

Запирањето на судските постапки против организаторите на референдумот одржан кон крајот на октомври 2017 година, но и претходниот необврзувачки во 2014 година, е резултат од договорот на Санчез и каталонските заговорници на независност.

Социјалистичка работничка партија на Шпанија (PSOE) на Санчез со 121 освоен мандат на јулските парламентарни избори, за нов четиригодишен мандат зависеше од поддршката од партиите за независност во автономните региони на Каталонија, каде живеат 7,5 милиони, Галиција со 2,7 милиони и Баскија со 2,2 милиони. Во четвртокот, Санчез постигна договор со партијата Заедно за Каталонија (JxCAT), ветувајќи му на лидерот во егзил Карлес Пучдемонт помилување и амнестија за организирање на забранет референдум за независност во октомври 2017 година. Минатиот петок се договори и со Баскиската национална партија (PNV) да ѝ даде поголема автономија на Баскија, која ќе има статус на „нација“.

Со тоа PSOE обезбеди поддршка од вкупно 179 пратеници во парламентот со 350 мандати. Во четврток пратениците ќе гласаат за новата влада, откако Народната партија (PP), која освои поединечно најмногу пратеници, не успеа да обезбеди поддрша ниту за малцинска влада.

„Законот за амнестија поради институционална, политичка и општествена нормализација во Каталонија“, напишан на 23 станици, првпат јавно беше објавен во понеделникот попладнето. Во парламентот би требало да биде усвоен пред почетокот на гласањето за владата.

На тоа инсистираше поранешниот каталонски премиер Карлес Пучдемон кој шест години се наоѓа во егзил со постојан престој во Белгија, откако во ноември 2017 година ја прогласи во регионалниот парламент независната Република Каталонија, но што не беше и применето.

Со амнестијата е предвидено помилување на сите лица против кои се води постапка за „дела сторени со намера за истакнување, промовирање или барање отцепување и независност на Каталонија“. Повеќе стотици лица, од политичари кои го осмислија и организираа рефередумот, преку вработени во училиштата каде што беа поставени гласачките кутии, до градоначалниците кои го промовираа референдумот или го финасирале ќе бидат ослободени од прогон.

Тоа се однесува и на самиот Пучдемон, како и уште четворица поранешни членови на каталонската регионална влада, кои се наоѓаат во странство а за кои во Шпанија е распишан налог за апсење.

Во орбазложението на предлог-законот се наведува дека амнестијата е потребна за да се „надмине политичкиот судир“, како и дека таквиот закон е „во согласност со шпанскиот устав“, и дека тоа не претставува новина во Шпанија.

Во неделата против носењето на законот ширум Шпанија на улиците излегоа два милиона луѓе, според опозициската конзервативна Народна партија (PP) која повика на протестите. Техничката левичарска влада предводена од PSOE, пак, процени дека на протестите излегле 450.000 луѓе.

Демонстрантите, кои веќе десет дена се собираат масовно пред седиштата на PSOE ширум Шпанија, сметаат дека помилувањето на организаторите на каталонскиот референдум ќе ги поттикне поборниците на независноста на нови обиди за отцепување на Каталонија. Партиите од десницата и дел од правниците настојуваат да го оспорат воведувањето амнестија, тврдејќи дека со неа се поткопуваат постојните закони.

Протестите се одржуваат и во понеделникот вечерта пред седиштетот на социјалистичката партија во Мадрид, единасетти ден со ред.

„PSOE во моментов изведува државен удар“, истакнува во повикот на протести десната партија Глас (Vox).

Синдикатот на шпанската полиција, чиишто припадници интервенираа пред шест години во насилното сузбивање на каталонскиот референдум, чие одржување го забрани шпанскиот Уставен суд, се спротистави на амнестијата. Синдикатот Солидарност, билизок на шпанската десница, најви генерален штрајк за 24-ти ноември.