Најмалку 26 загинати во пожар во деловна зграда во Кина

Најмалку 26 луѓе загинаа а уште 38 други се хоспитализирани откако во четвртокот избувна пожар во управната зграда на фабрика за јаглен во северната кинеска провинција Шанкси, објавија државните медиуми.

Пожарот избувнал околу 6,50 часот по локално време, во среда 23,50 часот по средноевропско време, во четирикатната управна зграда на компанијата за јаглен Јонгџу во градот Лулијанг.

„Бројот на загинати се искачи на 26. Пожарот е под контрола, а спасувачката операција продолжува“, соопшти државната телевизија CCTV на кинеската социјална мрежа Weibo

CCTV првично објави дека 63 лица се евакуирани, а 51 се пренесени во болница. „Причината за пожарот е под истрага“, соопшти CCTV.

На видеата објавени на Weibo се гледа густ црн чад кој извира од зградата и десетици луѓе како го гледаат пожарот од паркингот до зградата.

Полицијата привела неколку лица на сослушување, извести CCTV, додавајќи дека се истражува причината за пожарот. Државниот совет на Кина испрати тим на местото на настанот за да ја води работата за спасување и одговор при итни случаи, се додава во информацијата на телевизијата.

Ваквите несреќи не се реткост во Кина поради непридржувањето до безбедносните прописи. Производителите на јаглен во Кина се под лупа за серијата несреќи во рудниците во последните месеци, што влијаеше на производството бидејќи рудниците ја прекинаа работата поради безбедносни инспекции.