Не постои никаква опасност за нарушување на безбедноста и стабилноста на Македонија и покрај сите актуелни кризи на европско тло и на Блискиот Исток. Ова се информациите со кои располагаат безбедносните служби, а кои со јавноста денеска ги сподели министерката за одбрана, Славјанка Петровска, која беше домаќин на состанокот на министрите за одбрана на иницијативата САД – Јадранската повелба.
Македонија, Албанија, Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска, како членки, заедно со САД, како и трите земји набљудувачи – Словенија, Србија и Косово, освен за успешноста на А5 иницијативата разговарале и за зацврстување на регионалната соработка, пред сè, со размена на информации со кои земјите би се одбраниле од влијанија од трети земји чија цел е дестабилизација на регионот. Во тој контекст Петровска и помошник државната секретарка за одбрана на САД, Селест Валендер, дадоа свој став за руското влијание во регионот.