На англискиот премиерлигаш Евертон му се одземени 10 бодови поради прекршување на финансиските правила, објави во петокот организаторот на најелитното национално натпреварување Премиер лигата.
Во март Премиер лигата го упати Евертон до независна комисија за наводно прекршување на правилата за профитабилност и одржливост (PSR). Клубот кој пред оваа одлука беше 14-ти на табелата најави дека ќе се жали на казната.
„Во текот на постапката, клубот призна дека го прекршил PSR до крајот на сезоната 2021/22, но обемот на прекршувањето остана спорно“, се вели во соопштението на лигата.
„Комисијата утврди дека пресметката на PSR на Евертон за релевантниот период резултирала со загуба од 124,5 милиони фунти, како што тврди Премиер лигата, што го надминала прагот од 105 милиони фунти дозволен со PSR-ите“.
Сега, по одземањето на десет бодови, Евертон е на претпоследното 19. место и има само четири бода.