Градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, на денешната дебата насловена „Важно е да нема опструкции за работа на општините“ во рамки на теренската акција „Важно е! Од тебе зависат промените“ вели дека се соочувале со опструкција од страна на централната власт за време на енергетската криза.
Коњановски објасни дека во време на енергетската криза добивале енормно високи цени за улично осветлување односно за еден месец им стигнало сметка од 7,5 милиони евра, па во консултација со стручните лица им било сугерирано од слободниот пазар да се префрлат на регулиран пазар, што го овозможува и законот за енергетика, додавајќи дека по промената цената на сметката значително се намалила.
Првата фактура која ја добив беше сметка за потрошена електрична енергија за улично осветлување во висина од 7,5 милиони денари. И кога прашав која беше претходната сметка која ја имаше добиено општината таа изнесуваше 1,7 милиони денари. Можете да замислете за какво зголемување стануваше збор. И следниот месеци имаше уште поголемо зголемување, вели Коњановски.
Луѓето кои добро ја познаваат оваа проблематика ни сугерираа да се најде едно итно ургентно решение и тоа беше префрлање од слободниот пазар на кој бевме до тогаш изложени на регулиран пазар. И ако на слободниот пазар сумата која ја плаќавме по мегават час беше некаде од 500 до 600 евра, на регулираниот пазар беше 120 евра по мегават час. Тоа значеше големо растеретување. Ги искористивме регулативите од законот за енергетика кој тоа го овозможуваше, броилата да се префрлат на јавно претпријатие кое го поседуваме или на нов правен субјект, а условот беше јавното претпријатие да нема профит поголем од 2 милиони евра и да нема повеќе од 50 вработени. Тоа го ускладивме сите општини и сметките паднаа драстично, изјави тој и додаде дека наместо ова да биде поздравено од страна на централната власт на СДС, добиле закани.
Но, се соочивме со закани дека сме направиле прекршок и дека тоа не сме смееле да го правиме, иако се беше законски. Наместо да го поздрави она кое што законски сме го направиле, се соочивме со закани. Ние сакавме да ги заштитиме граѓаните од општините средствата кои ги издвојувате да одат за капитални инвестиции, кажа Коњановски.
Коњановски нагласи дека со префрлање на општината на регулиран пазар, општината Битола заштедила 38 милиони денари од месец мај до декември, укажувајќи дека тоа се средства за нови инвестиции во општината.
Конкретно за општина Битола дека заштедата од месец мај до месец декември 2022 година кога го направивме овој потег изнесуваше 38 милиони денари. Тоа се огромни средства за секоја општина и со тие средства можете да направите нови инвестиции, рече Коњановски.
Коњановски се осврна на одземање на ингеренциите од страна на власта во делот на назначување на директори во основните училишта, како и на блок дотациите за кои што рече дека иако министерството за финансии вети зголемување на блок дотациите тоа не го направи.
Минатата година од сопствен буџет за основното образование од општина Битола се издвоија 42 милиони денари, а оваа година таа сума ќе изнесува 50 милиони денари. Министерството за финансии кажа дека ќе ги зголеми блок дотациите, но не ги зголеми, вели градоначалникот Коњановски.