Шолц е за воведување законски ограничувања за продажбата на сексуалните услуги

Германскиот канцелар Олаф Шолц е отворен за можна забрана за продажба на сексуални услуги во Германија. Ова барање до владата во Бундестагот го испратија опозициските демохристијански партии ЦДУ/ЦСУ. Шолц изјави дека би сакал да види дополнителни законски ограничувања, додавајќи дека продажбата на сексуални услуги е „неприфатлива“ и не треба да биде нешто „нормално“, пренесува германскиот печат.

„Мислам дека не е прифатливо мажите да купуваат жени“, изјави Шолц пред парламентот на германскиот Бундестаг. „Тоа е нешто што морално отсекогаш ми пречело“, додаде тој.

„Верувам дека треба да го погледнеме законот и да видиме како тоа најдобро може да се сузбие“, додаде германскиот канцелар на седницата на која одговараше на прашања од парламентарците.

Демохристијаните од партиите ЦДУ/ЦСУ, најголемата опозициска пратеничка група во Бундестагот, поднесоа барање за забрана за купување сексуални услуги според т.н. на „нордискиот модел“.

Според овој предлог, макроата и муштериите треба да бидат казнети, а борделите да се забранат. Во исто време, сексуалните работнички би морале да се заштитат, за да им овозможи полесно да излезат од тоа милје. Демохристијаните се повикаа на слични регулативи во Шведска, Норвешка, Исланд, Канада, Франција, Ирска и Израел.

Според потпретседателката на пратеничката група на ЦДУ/ЦСУ, Дороти Бер, одговорна за семејството и културата, 25.000 жени во Германија се занимаваат со сексуална работа.