По 76 години постоење и опстојување, Друштвото на писателите на Македонија влегува во една пресвртница во една хамлетовска дилема – ќе го биде или не, прашање е сега?!, затоа што од една страна се оние кои му сакаат добро на ДПМ, а од другата оние кои исполнуваат нечии агенди за растурање и раскрчмување на писателскиот дом и за остварување личен кариеризам и профитерство, предводен од млад кариерист. Гласачите што ќе гласаат треба да препознаат вредности, а не да влегуваат во стапицата на кариеристи и профитери, налик на структури за кои ДПМ од поодамна беше озогласена.
Се сеќавате ли на „Шарената револуција“ која беснееше низ Скопје, која не се срамеше да признае дека уништува, урива сѐ што претставува ооштествена оставнина и придобивка, за да и после толку години државата да не може да крене глава, а сите ние како сведоци да гледаме во распаѓањето на Македонија по сите шевови. Е, слична е, а можеби и наполно идентична, и моменталната состојбата и во Друштвото на писателите на Македонија. Едни наспроти други, едни се борат да ги зачуваат македонските вредности и идентитетот на асоцијацијата, наспроти други кои со уништувачки „шарени“ и матни пориви кои веќе од поодамна можат да се забележат во ДПМ, сакаат да го растргнат на повеќе делови. Би рекле несреќа од најголеми размери, но таа трагедија можеби допрва ќе дојде кога со благослов на писателите – членови на ДПМ има опасност да се урниса едно од најстарите книжевни друштва не само во Македонија, туку и во поранешните ЈУ-простори…
Поголемиот број членови на Друштвото на писателите на Македонија се изненадени од тоа што го гледаат, од разноразните небулозни и шокантни комбинаторики, од непринципиелните и неприродни коалиции (на одредени структури, во чиишто усти влегоа и еминентни имиња во македонската литература). Иако, своевремено за писателите се зборуваше дека се интелектуалната елита, за жал, се покажа дека не е така, бидејќи ДПМ сѐ повеќе наликува на дувло во кое се надмудруваат меѓусебни интриги, прикриени закани и уцени кои докрај не се обелоденија во јавноста.
Добрите познавачи на (не)приликите во писателските кругови велат дека сега ќе се оди кон обезличување на ДПМ…. Имено, по изборот на новите органи и тела, една политичка клика меѓу писателите можеби ќе пристапи кон промена на името на Друштвото на писателите на Македонија, вметнувајќи ја додавката. Сега, повеќе од јасно е дека политиката се префрла и во ДПМ преку поединци кои демонстрирајќи сила и моќ се затскриваат зад јавни хајки, линчови во јавноста и дискредитација на личности. Така што повеќе од јасно е дека валканите измамнички игри беа и претходно планирани за да сега преку разни „душегрижници“ влезат и во ДПМ, и тоа на голема врата, преку структури и центри на политичка моќ во кои се сплотуваат и се пронаоѓаат различни миленичиња само за гола власт и уништување на ДПМ.
За жал, тие и таквите веќе инсталирани структури немаат визија и идеологија, туку имаа агенда за раскол и распад на ДПМ. Притоа, уште поочигледно е дека матните кујни ги водат кариеристи, кои го вовлекуваат членството во валкани, шарени игри, под маска за наводна „демократизација“ на ДПМ, со што всушност, ќе побараат од писателите, самите да се самоукинат или, што би се рекло, самите за себеси да потпишат смртна пресуда. Впрочем, кариеристичките и контраверзни личности, си отвораат пат да го минимизираат „злосторството“ кон ДПМ, што во иднина би го сториле, а тоа е предавство на останатите 300 членови на ДПМ, и препуштање во „челуста на ѕверовите“. Истото, коешто впрочем ѝ се случи и на Република Македонија….
Оттаму, би требало да потсетити дека оние останати членови на ДПМ, кои ѝ сакаат добро на оваа македонската писателска асоцијација, не смеат да заборават и да подлегнат на притисоците, запомнувајќи дека кариеристички и контроверзни личности со чисто политичка заднина прават силни хајки и сценарија обмислени во „шарените“ политички кујни и структури на моќ, точно, по истиот терк, како кога таквите структури се вперија кон уништувањето на Македонија. Сега повеќе од јасностанува дека сите такви дејствија само може да му наштетат на Друштвото на писателите на Македонија.
Кампањата, којашто наводно се водеше за реформи во ДПМ, веднаш беше разобличена – дека е нешто сосема друго, односно пазарење и по цена на самоуништување на Друштвото на писателите на Македонија, само за да ги задоволат своите алчни апетити и кариеризми. Тажно е што во таквите суптилни сценарија, незнаејќи за што всушност станува збор, беа вовлечени и авторитетни писатели и членови, кои сега се чувствуваат измамени и злоупотребени. И да не се заборави – веќе злоупотребените писатели и членови ќе бидат злоупотребени и натаму, затоа што во нивно име ќе одлучуваат други за растурање на Друштвото на писателите на Македонија. Сега, многумина ќе речат, дека иако во ДПМ има влезено многу зла крв, сепак време е да се препознаат вистинските вредности…