Владата ќе го проширува тарифниот блок 3 за потрошувачка на електрична енергија – и да трошите под 631 киловат може да имате повисока сметка

Ќе се прошируваат тарифниот блок 3 и 4 за струјата како одговор на владата на забелешката на ММФ дека земјава многу пари троши на субвенционирање на електричната енергија, ова го потврди вчера и вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи.

Тој меѓутоа рече дека тие што трошат помалку ќе плаќаат и помалку.

-Ќе го прошириме тарифниот блок 3, најверојатно и тарифниот блок 4 со што опфатот да биде поголем, за тие што трошат повеќе. А за најранлиците категории на граѓани, за луѓето кои што штедат вистински електрична енергија да останат ист тарифен модел и цената на електричната енергија или евентуалната промена на цената да не падне на товар на тие што се во првиот или вториот блок – изјави Битиќи.

Во тарифниот блок 3 спаѓаат потрошувачите кои трошат од 631 до 1.050 киловатчасови струја, а во тарифниот блок 4 сите кои трошат повеќе од 1.050 KWh.

Не е познато како ќе изгледаат границите на тарифниот блок 3 и дали во него ќе влезат домаќинствата кои трошат под 631 киловат струја месечно.

Регулатроната комисија за енергетика допрва ќе треба да прави пресметки како би требало да изгледа новиот распоред на потрошувачката на струја и која распон би требало да го имаат блокот 3 и 4.

Минатата година субвенционирањето на електричната енергија за домаќинствата и за малите потрошувачи беше до 80%, а тоа според Битиќи, е неиздржливо за една мала земја како нашата.

Годинава субвенционирањето е намалено на некаде 60%.