Столтенберг стравува од руското влијание на Балканот

Генералниот секретар на НАТО Јенс Столтенберг предупредува на руско влијание во Западен Балкан. Меѓу неговите пораки во тридневната турнеја е и најавата за зголемувањето на присуството на Алијансата на Косово со 1.000 нови војници, но и пораките дека ЗСО мора да се формира.

– Трупањето сили на српската армија во близина на границата со Косово нема да помогне да се смири ситуацијата – гласеше една од пораките на Столтенберг при неговиот престој во Белград.

Тој додаде дека со Вучиќ разговарал за рестартирање на заедничките вежби на вооружените сили на Србија со силите на НАТО. Според Столтенберг, зголемувањето на присутноста на НАТО не ја нарушува неутралноста на Србија која останува важен партнер на Алијансата.

Претходно, во Приштина, косовската претседателка на средба со Столтенберг рече дека Русија има интерес да отвори уште еден фронт.

– Кога овие три аспекти ќе се спојат, многу е јасно дека е во интерес на Русија да отвори уште еден фронт против Западот. И, се разбира, овој фронт сака да се отвори во делови од Европа кои се уште не се дел од НАТО – изјави Османи.

Косовскиот премиер Албин Курти на 19 ноември на Фејсбук напиша дека Русија има за цел да разгори криза „во дворот на Европската унија“ и на тој начин да го „одвлече вниманието“ на НАТО.

Курти, исто така, во изјавата тврдеше дека Србија поставила противвоздушни системи на границата со Косово и дека 40 српски политичари се сретнале со Милан Радоичиќ, наводниот организатор на настаните во пукањето во Бањска.

Вучиќ на средбата со Столтенберг денеска одговори во врска со војската:

– Никогаш не ги пречекорила своите права и овластувања. Секогаш имала коректни односи со Кфор и со НАТО. А каде и како, во согласност со уставот на Република Србија и законите на земјата, не загрозувајќи никого на кој било начин, ние ќе ја распоредуваме војската тоа е наша работа.

Столтенберг, меѓу другото, во Белград порача и дека извршителите на нападот во Бањска мора да бидат изведени пред лицето на правдата.

Генсекот на НАТО е загрижен и за „сецесионизмот“ и руското влијание во Босна и Херцеговина. Тој порача дека „сојузниците силно го поддржуваат суверенитетот и територијалниот интегритет на Босна и Херцеговина“.

Во март 2022 година, рускиот амбасадор во Босна и Херцеговина, Игор Калабухов, ја предупреди Босна и Херцеговина дека Русија ќе реагира доколку земјата одлучи да стане членка на НАТО.

Истовремено, Стејт Департментот соопшти дека Вашингтон работи со земјите од Западен Балкан и европските партнери за подобрување на владеењето на правото и реформите „кои ќе ја намалат можноста за злонамерно руско влијание“.

Дека „Русија подготвува експлозија на Балканот“ кажа и украинскиот претседател Володимир Зеленски на неодамнешна средба со новинари од африканските земји во Киев.

Портпаролот на ЕУ, Петер Стано, исто така го спомна можното руско влијание на пресконференција:

– Имаме информации и веќе некое време ги следиме овие активности на Русија, така што имаме целосна слика и свесни сме што Русија се обидува да направи.