„Имам исклучителна можност и на оваа сесија на Мешовитиот парламентарен комитет да дискутирам со вас на особено значајна тема како што се медиумите и граѓанското општество. На почетокот сакам да истакнам дека Законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги беше изменет со цел да се транспонира директивата на ЕУ за аудиовизуелни медиумски услуги од 2018-тата година и како да се имплементираат релевантните европски стандарди овозможувајќи на земјата да продолжи со учеството во програмата „Креативна Европа“ т.е. нејзината потпрограма за медиуми. Воедно во однос со финансиската независност на јавниот сервис со последните измени и дополнувања на Законот е предвидено финансирање на јавниот сервис со 1% од реализираните даночни приходи утврдени во последната донесена завршна сметка наменета за финансирање радиодифузната дејност од кои 80% се за Македонската радио телевизија, зошто се поддржува законското решение за обезбедување на независноста на јавниот медиумски сервис“, истакна пратеничката Иванка Василевска како известител за „Медиумите и граѓанско општество“ на 22 седница на Мешовитиот парламентарен комитет во Европскиот Парламент во Стразбур.
Василевска додаде дека што се однесува на слободата на изразување и медиумите, македонскиот Устав предвидува слобода на изразување вклучително и за медиумите. Според Здружението на новинари на Македонија сепак Владата покажала недостиг на капацитет ефективно да го санкционира прекршувањето на правата на новинарите и да ја заштити нивната безбедност.
„Комисијата за спречување и заштита од дискриминација и граѓанските организации регистрираат значителен пораст на говорот на омраза вклучително и на социјалните, и на некои традиционални медиуми. Исто така здруженијата на новинари посочуваат и на случаи на наводни закани и малтретирања на новинари. Во оваа смисла Јавното обвинителство – Скопје потврди дека назначило обвинител да служи како лице за контакт во врска со случаи во кои се вклучени новинари и да следи случаи во кои новинарите се појавуваат како оштетени страни, сведоци или престапници“, појасни Василевска.
Таа посочи дека на 17-ти ноември минатата година Парламентот едногласно го усвои Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, со кој се воведе значително намалување казните за медиумите и за новинарите во тужбите за клевета.
„Во изминатиов период беа направени измени на Кривичниот законик така што кривично дело сторено против новинар или друг медиумски работник при вршење на нивните професионални задачи се смета за попречување на службено лице во вршење на неговата должност. Овие кривични дела се гонат по службена должност од страна на Јавното обвинителство“, рече таа.
„Овие напори во реалноста не до крај ги заштитуваат медиумите и новинарите за што сведочи парадоксалното самоволие на судот од 10-ти ноември оваа година, што претставува правен преседан кој сериозно ја загрозува слободата на говорот во Македонија. Имено, посочувам во делот на пресудата која што беше изречена во врска со судската пресуда донесена од судијката Јованка Спировска Панева во случајот „Фероинвест против ИРЛ“ за сторијата „Заговор против воздухот“. Во образложението на пресудата на судијката Јованка Спировска Панева посочува дека истражувањата на ИРЛ не смеат да се публикуваат пред граѓаните туку треба исклучиво да се користат внатрешна едукација на вработените. Односно според судијката уредничката Сашка Цветковска и тимот на ИРЛ не се новинари и не се медиум. Судијката оцени дека морала да го заштити приватниот интерес, а не колективниот и го повика министерството за правда да забрани ИРЛ да врши дејност односно да ја укине“, појасни пратеничката.
Таа укажа дека таквата самоволна пресуда предизвика големи реакции во македонската јавност, особено помеѓу новинарската фела и активистите, експертите што се залагаат за слобода на говор и изразување.
„Според Здружението на новинари во Македонија пресудата може да се толкува како повик на судијката до извршната власт за институционална пресметка со критичните медиуми. Цитирам – „овој опасен судски преседан штети на независноста на медиумите и истиот е во колизија со Советот на Европа конкретно е во спротивност со препораката CM/Rec(2011)7 според која се смета дека заради посебната природа на интернетот обврските и одговорностите кои треба да се доделат на информативен интернет портал за потребите од членот 10 на ЕСЧП и истите можат да се разликуваат до одредено ниво од оние на традиционален издавач“ – потенцираат од Здружението на новинари. Исто така и самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници потенцираше дека квалификациите во пресудата со заклучок дека ИРЛ воопшто не смеела да го објави истражувањето претставува тежок преседан и удар на слободата на изразување и слободата на медиумите“, нагласи Василевска.