Револтирани поради фактот дека надлежните институции немаат слух за проблемите со кои се соочуваат, дел од здравствените работници на протест пред Министерството за здравство ги повторија своите барања: зголемување на платите за 30%, нов колективен договор, бенефициран работен стаж, зголемување на инфективниот додаток од 1 на 4% и трансформација на определено работно време со неопределено.
-Итно да се направи трансформација на сите времени вработувања кои ги има во сите здравствени институции на Здравствен дом Скопје и Клинички центар, низ цела територија, со цел да ги задржиме тие млади луѓе, бидејќи работат за плата, може да се нарече социјална помош од 20.000 денари, изјави Боби Бојчевски, национален координатор за здравство на КСОМ.
За време на пандемијата со Ковид 19 бевме херои, за потоа да се заборави на сето тоа, револтирано реагираат членовите на Независниот синдикат на здравствени работници.
-Работиме без здравствено осигурување, фактички со 20.000 денари плата ако не платиме здравствено осигурување ние немаме. 1800 денари е здравствено, значи ние земаме 18.200 основна плата. Немаме право на одмор, немаме право на боледување, немаме никакво право, изјави медицинската сестра Билјана Џонова.
Велат дека доколку и овој пат Министерството за здравство и Министерството за финансии не најдат соответно решение за нивните барања ќе ги радикализираат протестите и ќе излезат пред Влада.