Дерек Шовин, поранешен полицаец белец во Минеаполис, осуден за убиство на афроамериканецот Џорџ Флојд, беше избоден со нож во федерален затвор и беше сериозно повреден, објави Associated Press во саботата.
Убиството на Флојд предизвика протести низ САД и светот против полициската бруталност и расизмот. Дерек Шовин, бел полицаец беше снимен како клечи на вратот на Џорџ Флојд повеќе од девет минути на 25-ти мај 2020 година.
Шовин бил избоден со нож од друг затвореник во федералниот затвор во Тусон, објави агенцијата, повикувајќи се на упатен извор. Вкупно четворица полицајци беа осудени за убиството на Флојд, за кој полицијата се сомневаше дека го платил со фалсификувана банкнота од 20 долари во блиската продавница.
Канцеларијата за извршување на кривични санкции соопшти дека вработените во затворот ја ставиле ситуацијата под контрола и ги презеле неопходните безбедносни мерки пред Шовин да биде префрлен во болница. Нападот врз Шовин е втор таков инцидент во американските федерални затвори во изминатите пет месеци, и втор голем инцидент во затворот во Тусон за една година.
Шовин беше испратен во затворот во Тусон од затвор со максимално обезбедување во Минесота во август 2022, за да ги отслужи казните од 21 година затвор поради кршење на граѓански права и 22 години и шест месеци затворска казна за убиство од втор степен. Шовин во Минесота главно беше во самица поради сопствената безбедност, напиша неговиот адвокат во судските документи минатата година. Американскиот Врховен суд минатата седмица ја отфрли жалбата на Шовин за пресудата за убиство.