Безбедноста на учесниците на состанокот на ОБСЕ ќе биде на највисоко ниво

Над 70 делегации и преку 1000 учесници ќе присуствуваат на самитот на ОБСЕ, кој следната недела ќе се одржува во Скопје, најави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

Тој вели дека со оглед на тоа што станува збор за опсежна акција, подготовките за овој настан траеле цела година, а во нив покрај МВР се вклучени повеќе служби.

Со оглед на тоа што за време на самитот Скопје ќе фукционира под посевен сообраќаен режим, Спасовски најави блокади само на одредени улици по кои ќе се движат делегациите и апелира да се почитуваат наредбите на полициските службеници.

– Ние се подготвуваме цела година за овој Самит, постојат детални планови во ова, најавени се присуство на повеќе од 70 делегации коишто се предводени од нивните шефови пред сѐ министри за надворешни работи. Целосно сме подготвени сите служби и секторот за внатрешни работи, одделот за заштита на одредени личности, објекти, единицата за службени кучиња и воздухопловната единица сите учествуваме во рамки на својот дел секако и другите институции – вели Спасовски.

Триесеттиот министерски Совет на организација и безбедност и соработка во Европа ќе се одржи на 30 ноември и на 1 декември со салата „Борис Трајковски“ во Скопје.

Владата донесе одлука на 29 ноември, државната и јавната администрација, како и училиштата на подрачјето на Град Скопје, да работат до 12 часот, а 30 ноември за нив ќе биде неработен ден.