Потпишани 133 договори до 10.000 евра за поддршка на мали производители на храна од неживотинско потекло

Договори за грант поддршка до 10.000 евра за набавка на опрема за производство денеска потпишаа 133 мали производители на храна од неживотинско потекло. Целта на договорите, во вкупна вредност од 1,2 милиони евра, како што истакна министерот за земјоделство, Љупчо Николовски, е да се поддржат малите производители да произведуваат и стават во промет финални македонски традиционални производи.

-Доделуваме 133 договори во вкупна вредност од 1,2 милиони евра преку кои даваме грант поддршка којашто ќе биде исплатена авансно на малите производители на храна од неживотинско потекло за набавка на опрема. Со договорите поддржуваме најразлични традиционални производства на храна, опрема за производство на ајвар, на маџун, на разни слатка, на мармалади, на масло од сончоглед, производство на јаболков оцет, на путер од бадеми, од лешник, сокови од калинка, јаболка, рибизли, потоа набавка на соларни сушари, на машини за пакување на најразличен тип на овошја, зеленчуци и други типови на производи, изјави министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство пред доделувањето на договорите.

Упати апел до сите апликанти да ги читаат договорите и да се следат роковите заради тоа што, како што рече, се исклучително кратки.

-Се работи за програма во која што авансно ги исплаќаме средствата, но која најстрого ќе се контролира и затоа во рок од 45 дена од склучување на договорите треба да се реализира деловниот план. Нема никаква можност за промена во делот на деловниот план и затоа треба да се фокусираме на реализација и на набавка на тоа што сме го напишале и предложиле во деловните планови, рече Николовски и додаде дека финансиската поддршка ќе биде веднаш исплатена.

-Кога започнавме со креирање на овие програми за поддршка на малите производители на храна и пијалаци, посочи, пред нас си поставивме јасна цел – да се обидеме преку оваа поддршка во рок од четири години да создадеме нови 2.000 регистрирани мали производители на храна коишто ќе ги искористат и правилниците коишто претходно ги донесовме за да овозможиме лесно евидентирање и регистрирање во Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) како мали оператори. Заедно успеавме во една година да ја надминеме нашата цел што ја поставивме за четири години. Денес вкупниот број на регистрирани оператори од животинско и неживотинско потекло е 2.508, од кои околу 2.000 се регистрирани само во 2023 година во АХВ, потенцира Николовски.

Тим лидерот на Програмата за зголемување на пазарната вработливост (ИМЕ) на Швајцарската агенција за развој и соработка, Горан Димовски истакна дека во изминатите 10-тина години ИМЕ е партнер на Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство.

-Во повеќе наврати ги следиме и придонесуваме во политиките на Министерството преку креирање на Законот за органско производство, преку низа подзаконски акти. Задоволство ми е што бевме дел од тимот во креирање на оваа мерка за поддршка на мали производители за производи од неживотинско потекло. Тоа беше една заедничка заложба во која што учествуваа АХВ и малите производители преку свои претставници од Слоуфуд. На тој начин се дојде до мерка која што навистина одговора на нивните потреби, изјави Димовски.