Цените на акциите пораснаа на повеќето европски берзи во средата во претпладневното тргување, бидејќи инвеститорите беа охрабрени од податоците за слабеењето на инфлацијата во Германија, но индексите беа во црвено на берзата во Лондон.
Индексот STOXX 600 на водечките европски акции во претпладневниот пресек порасна за 0,2 отсто, по два дена слабеење. Истовремено, лондонскиот FTSE индекс се намали за 0,52 отсто, на 7.416 поени, додека франкфуртски DAX порасна за 0,44 отсто, на 16.060 поени, а париски CAC за 0,18 отсто, на 7.265 поени.
Цените на акциите најмногу пораснаа претпладнево во Франкфурт, откако беше објавено дека инфлацијата во некои германски сојузни покраини слабее. Од друга страна, во Лондон цените на акциите паднаа поради зајакнувањето на британската фунта и пораката од гувернерот на Bank of England (BoE), Ендрју Бејли, дека централната банка ќе направи сѐ што е потребно за да ја сведе инфлацијата до целеното ниво од 2 отсто и дека сѐ уште не е убеден дека инфлацијата е доволно ослабена.
А на азиските берзи цените на акциите паднаа. Индексот MSCI на азиско-пацифичките акции, без јапонските акции, беше во минус од 0,3 отсто во истиот дневен пресек. Истовремено, на токиската берза индексот Nikkei ослабе за 0,3 отсто, додека цените на акциите во Јужна Кореја, Шангај и Хонгконг паднаа меѓу 0,1 и 2,1 отсто. Во Австралија, пак, благо се зголемија.
Австралискиот S&P/ASX индекс порасна благодарение на извештајот дека стапката на инфлација во земјата забавила на 4,8 отсто во октомври, што е најниско ниво во последните две години. Како резултат на тоа, инвеститорите веруваат дека австралиската централна банка нема дополнително да ја заостри монетарната политика.
На другите пазари преовладува претпазливост, бидејќи економските вести од регионот не се многу впечатливи.
Цените на акциите најмногу паднаа во Хонгконг, што е резултат на притисокот врз технолошкиот сектор, а инвеститорите беа разочарани и од предупредувањето на „Meiutan“, кинески снабдувач со прехранбени производи, дека неговата продажба во последниот квартал од оваа година забавува. .
Ова е лоша вест за пазарите бидејќи инвеститорите се надеваа дека посилната домашна потрошувачка во овие месеци ќе поттикне побрзо закрепнување на кинеската економија од годината во декември.
А на њујоршки Волстрит, берзанските индекси благо пораснаа во вторникот. Dow Jones зајакна за 0,24 отсто, додека S&P 500 порасна за 0,10, а Nasdaq индексот за 0,29 отсто.
Од почетокот на ноември цените на акциите на најголемата светска берза пораснаа за речиси 10 отсто, бидејќи поради слабеењето на инфлацијата во САД, инвеститорите се убедени дека американската централна банка го завршила циклусот на зголемување на каматните стапки. Но, оваа теза е веќе вградена во цените, а бидејќи нема други охрабрувачки вести, последниве денови индексите стагнираат.
Вчера, неколку функционери на Fed изјавија дека циклусот на зголемувања на каматните стапки најверојатно е завршен, додека еден od niv рече дека е можно дополнително зголемување на каматните стапки доколку инфлацијата повторно се зголеми.
На пазарот на пари се проценува дека Fed нема да ги зголеми каматните стапки на последната седница од годината во декември. Се проценува и дека циклусот на намалување на каматните стапки би можел да започне кон средината на следната година.