Од утре стартува двочасовна евтина, дневна тарифа на струјата

Од утре од 13.00 до 15.00 часот, официјално, домаќинствата ќе можат да ја користат дневната евтина тарифа за потрошената електрична енергија, изјави синоќа претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, РКЕ, Марко Бислимоски во гостување на ТВ Стар.

– Од утре официјално се враќа евтината тарифа за домаќинствата. Кога ја укинавме во декември 2021, тоа беше во услови кога имавме цени на електрична енергија по 300-400 евра по мегаватчас, а во текот на денот достигнуваше и до 500, 600, 700 евра. Едноставно, тие трошоци не можеа да се издржат. Бевме принудени да ја укинеме, но тогаш ветивме – во првиот момент кога ќе се создадат технички и пазарни услови, ние ќе ја вратиме евтината тарифа – рече Бислимоски.

Тој објасни дека цената во текот на денот, во периодот од март до октомври, е за два до три пати пониска, со што и ЕСМ и ЕВН ќе се стимулираат да купуваат струја во тие термини од слободниот пазар.

– Сите домаќинства кои имаат далечинско отчитување, од утре ќе имаат евтина тарифа, група по група ќе се сетираат мерилата. Не можат екипите на ЕВН одеднаш да заменат  400.000 броила, но до крајот на месецот ќе ја имаат евтината тарифа 90 отсто од домаќинствата, додаде Бислимоски.